Спировски: Одиме во вистинска насока повторно да направиме нешто големо и Македонија да игра на големо натпреварување

стефан спировски
фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

Стефан Спировски кој е еден од фудбалерите во македонскиот национален тим кој остави силен впечаток на септемвриските квалификациски натпревари против Ерменија, Исланд и Романија зборува за првите впечатоци од соработката со новиот селектор Благоја Милевски и стручниот штаб, како и за важноста, тимот да биде над сè.

–  Впечатоците од нашата соработка со новиот селектор Благоја Милевски и стручниот штаб се повеќе од позитивни. Иако времето за подготовките пред септемвриските натпревари беше релативно кратко, имам само пофални зборови за почетокот на нашата соработка. Прв пат сме заедно, но веднаш се забележува неговата принципиелност во работата, како тренер, но и како човек, а тоа го потврдуваат и моите колеги кои веќе работеле со него. Мислам дека како тим ќе соработуваме добро во иднина – вели Спировски за официјалната интернет страница на ФФМ.

Фудбалерот од средниот ред кој започнува нова клупска авантура во украински Мариупол вели дека за фудбалерите е многу значајно што селекторот воспоставува непосредна и блиска комуникација.

–  Навистина е значајно за мене, а верувам и за сите други, тоа што е отворен за сите во тимот. Доколку било кој од фудбалерите му се обрати за одредена ситуација, селекторот ќе биде тука за нас. Да нѐ ислуша и разговара. Да посочи на грешка или да искаже пофалба за одредена работа. На последните три натпревари покажавме како треба да се игра за националниот дрес. Можеби резултатски не ги оправдавме очекувањата на публиката, но ние знаеме дека сме на вистинскиот правец. Убедени сме дека резултатите ќе дојдат доколку продолжиме да работиме на овој начин.

Спировски истакнува дека подготовката за натпреварите е она што посебно ги прави задоволни фудбалерите во репрезентацијата, а се однесува на тактичката анализа за натпреварите, инструкциите кои ги добива секој фудбалер посебно и анализа на противникот до најситните детали.

–  Подготовката за натпреварите е различна. Ние знаеме дека секој тренер има свој методи на работа. Овој селектор и неговите соработници ни ги доловуваат и најситните детали. Се внимава и посветува внимание на секој сегмент од играта, од недостатоците и слабите страни на противникот, па сѐ до нашата поставеност. Секој од нас знае што треба да прави на било кој дел од теренот.

На крајот, Спировски нагласува дека единствено доколку тимот биде над сè имаме шанса да играме на ново големо натпреварување.

–  Како тим имаме свои цели. Пак, ќе кажам, иако резултатски можеби не ги оправдавме очекувањата на македонските навивачи, сметам дека сме на вистински правец повторно да направиме нешто големо и Македонија да игра на големо натпреварување. Но, секако треба да сфатиме дека тимот е тој што го победува и најтешкиот и најсилниот противник. Ако сите се ставиме во функција на тимот и дишеме како едно тогаш сме на правиот пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот