Спирала на лудоста

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Израелски либерали се убедени дека затишјето во изминатите две години всушност било штедење муниција, подготовка за нова војна, која не ја сакаат ни Израелците, а уште помалку Палестинците, но која може да им биде од политичка полза за екстремистите на двете страни, особено на израелскиот премиер.

Ерупциите на насилства, кои ескалираат на работ на општ воен конфликт помеѓу израелските сили и палестинските милитанти, прилегаат на упорна реприза на крвав хорор филм. Инцидент, особено ако е на важно верско место или ако притоа има жртви, поттикнува жестока реакција на израелските сили, на што Хамас од појасот Газа стрела ракети врз израелски населби, а израелските сили возвраќаат со срамнување со земја на домови на осомничени лица со проектили од авиони.

Во текот на изминатата недела Хамас истрела стотици ракети од Газа врз цел во јужниот и во централниот дел на Израел. На ова израелските сили возвратија со жестоко бомбардирање, при што загинаа десетици Палестинци.

Последната војна (камо среќа да остане и последна) во 2014 година, почна кога оперативци на Хамас грабнаа и егзекутираа три израелски момчиња. На ова Израел возврати со сите сили, со напади врз 5.262 цели во појасот Газа широк десетина километри и долг 41 километар. Од 1,85 милион Палестинци во него, загинаа 2.100. Од другата страна на границата беа убиени 70 Израелци. Во тие 50 дена, врз Израел биле истрелани точно 4.562 ракети. За споредба, во 2015, во 2016 и во 2017 година заедно од Газа врз Израел биле истрелани вкупно 71 ракета. Израелски либерали се убедени дека затишјето во изминатите две години всушност било штедење муниција, подготовка за нова војна, која не ја сакаат ни Израелците, а уште помалку Палестинците, но која може да им биде од политичка полза на екстремистите на двете страни, особено на израелскиот премиер.

Бенјамин Нетанјаху, по долги години на власт, остана без доволно сојузници за да формира влада. И тоа не би било ништо страшно ако со тоа не го губи и имунитетот од судењето за изневерување доверба, примање мито и измама, за кои се соочува со десетина години затвор.

Ако не можеа да му помогнат ефикасната кампања за масовно вакцинирање, која ја искористи и во предизборната кампања, последен адут му се екстремните еврејски доселеници, кои се израснати во строго контролирана идеологија дека Палестинците се вечна закана за опстанокот на Израел. Повеќето од Израелците што не биле во тој меур ги поминаа веројатно седумте најмирни години од постоењето на државата. А, Абрахамовите договори за воспоставување дипломатски односи со заливските земји беа само чекор кон траен мир, но и потсетување дека „палестинското прашање не е решено“.

За нивна несреќа, и од другата страна на „Зелената линија“, во тој голем заграден затвор што го нарекуваат Газа, има критична маса луѓе израснати во спротивставен идеолошки меур. А, кога веќе има критична маса, лесно е таа да се запали по потреба. Така е и сега. Нетанјаху ги користи сите оружја на терен на кој најлесно собира политички поени – на бојното поле.

Повлекувањето од премиерската функција се поклопи со муслиманскиот свет месец Рамазан, па затоа беше лесно со едноставна провокација, како што беше блокирањето на Дамасковата порта кон џамијата Ал Акса или тепањето на демонстрантите во квартот Шеих Џара да се предизвикаат инциденти што би воделе кон посакуваното ескалирање. Да не беа овие провокации, Рамазан ќе поминеше мирно, низ Израел немаше да вијат сирените како тревога за ракетен напад и немаше да се пролее крв на десетици луѓе во Газа.

Полицијата во изминатите неколку дена не случајно е особено жестока при задушувањето на демонстрациите на израелските Арапи и Харедимите, лојални израелски државјани со потекло од Етиопија. Овие малцинства и досега беа „магнет“ за полициска бруталност, но политичката партија Раам што ги застапува, на изминатите избори освои места во Кнесетот што може да бидат решавачки за обезбедување мнозинство. Свесен за подемот и политичката моќ на лидерот на Раам, Мансур Абас, Нетанјаху го покани во идниот кабинет, но Абас одби да се приклучи на коалиција во која се и ултрадесничари, за кои сите што не се Израелци се „граѓани од втор ред“. Како што бомбардирањата врз Газа се одмазда за ракетите истрелани од Хамас, така и солзавецот и гумените куршуми се одмазда за „корпата“ од Абас за Нетанјаху. Врз нив распалија и провладините медиуми, осудувајќи ги нивните протести за солидарност со Палестинците.

За Нетанјаху ова е борба што ќе дефинира каде ќе ги помине следните неколку години – во ќелија или во премиерската канцеларија. На сите други нема да им донесе никаква полза. Спиралата на ракетирања и бомбардирања ќе однесат нови животи и ќе фрлат во пепел секаква надеж дека во скора иднина ќе биде постигната заедничката цел на Израелците и Палестинците – мирно да живеат едни покрај други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот