Специјален повик: Испратете писмо до МКЦ

Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје објави специјален повик, во кој ја повикува пошироката јавност, сите минати и сегашни, блиски или далечни соработници на институцијата и сите поединци што имаат лична или туѓа приказна поврзана со МКЦ, да ја раскажат преку писмо насловено како „Драг МКЦ“ и да ја испратат до адресата на институцијата.

Оваа активност е тесно поврзана со јубилејниот роденден на МКЦ во 2022 година, кога институцијата ќе наполни 50 години од своето основање, каде што покрај мноштвото настани планирани за јубилејот, ќе се одбележи и со издавање монографија, во која ќе се најдат и дел од приказните што ќе стигнат на нивната адреса. Писмата може да се испраќаат во текот на цела 2021 година до поштенската адреса на МКЦ, по електронска пошта; да се достават лично до МКЦ или, пак, преку пораки на профилите на МКЦ на социјалните мрежи.

Преку оваа активност, ЈУ Младински културен центар како институција од областа на културата, која неминовно во овие половина век од своето основање има оставено траен белег во развојот на културата во државата, смета дека нејзиниот печат и влијание не потекнува единствено од својата работа и културно дејствување, туку и од колективната меморија на сите оние што биле дел од нејзиното делување. Токму тие спомени се единствените вредни да останат запаметени и запишани, онака како што публиката го доживувала МКЦ низ текот на годините.

Инаку, оваа 2021 година МКЦ ја почна на 22 јануари со онлајн издание на настанот „Роденден на уметноста“, со кој неколку години наназад ја отвора својата годишна програма.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 65, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-24 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот