Специјалните трговски зони ќе се надоврзат на индустриските

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Специјалните трговски зони во никој случај не значат забавување или скршнување од патот на Македонија кон ЕУ, велат експертите кои ги консултираше „Слободен печат“, во контекст на најавата за оформување на една таква зона и во државава. Засега нема други детали по информацијата која ја разгледала Владата, а се однесува на иницијативата за изработка Физибилити студија за оправданост од воспоставување на специјална економска зона за трговија и стоки ТАКСЕЗ. Од владиниот кабинет соопштија дека идејата доаѓа како резултат на позитивните трендови во Технолошко-индустриските зони (ТИРЗ) кои налагаат дополнителна поддршка на инвеститорите во воспоставување на специјални економски зони за трговија и стоки.

-Овие зони кои постојат во голем број земји во Европа, се покажаа како добар модел во насока на зголемување на инвестициите и нивна одржливост. За Република Северна Македонија, како првична предност за воспоставување на трговски зони е геостратешката положба на земјата и близината на пристаништата Солун и Драч, како и нагласениот интерес на реномирани странски компании да инвестираат во ваков тип специјални економски зони. Изработката на физибилити студијата за Специјална економска зона за трговија и стоки нема да повлече финансиски средства од Буџетот на државата бидејќи за нејзина изработка веќе има пројавено интерес од страна на Приватниот инвестициски фонд „Норт Македонија Економик Девелопмент Фонд“ од Скопје – стои во владиното соопштение.

 

Светските искуства со ваков тип на зони, покажуваат дека за нив е потребна одлична сообраќајна поврзаност со глобалната економија, што бара големи вложувања во железницата и патиштата. Школски пример за неуспех на ваквите зони се оние од Африка, кои не успеаја поради проблеми со снабдувањето со струја и големата оддалеченост од пристаништата.

-Значи да се формира една ваква специјална трговска зона, не се доволни само даночни и царински олеснувања, дури ни евтината работна сила. Организирањето на бизнисот бара добри деловни врски и логистика со глобалниот пазар. Македонија е на крстопат и е релативно близу до три големи пристаништа Солун, Драч, Бургас. Сепак, близината е недоволна ако не се реши проблемот со двата транспортни коридори 8 и 10, за да може да има соодветна логистика. Нашите слободни зони сега покажуваат солидни резултати. Нудиме привлечни услови и одлична инфраструктура во рамките на зоните, но мора да поработиме и на условите вон зоните и да обезбедиме соодветна и стабилна енергетска мрежа и транспортен систем – велат експертите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот