Специјален гостин на настапот на Звјездан Ружиќ на отворањето на 45. „Скопско лето“ беше Влатко Стефановски

Влатко Стефановски и Звјездан Ружиќ

Наградуваниот хрватски пијанист и композитор Звјездан Ружиќ настапи на отворањето на јубилејното 45. издание на „Скопско лето“ на 21 јуни во преполниот Куршумли ан. На неговиот роденден, на Светскиот ден на музиката, Звјездан Ружиќ и неговиот проект „Пијанотрон“ ја почестија публиката во Скопје со вечер за паметење!

Покрај тоа што публиката уживаше во авторската музика на Ружиќ, пропратена со кратка приказна за секоја композиција, во пријатниот амбиент во Куршумли ан големо изненадување за публиката беше настапот на Влатко Стефановски заедно со Звјездан, изведувајќи една авторска композиција на Звјездан и песната „Елено, ќерко“ во еден нов, суптилен и несекојдневен аранжман.

Проектот „Пијанотрон“ е комбинација од пијано, мелотрон и педали на кои Звјездан свири. Тој го опишува „Пијанотрон“ како еден вид на филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и етно-музиката.

Отворањето на 45. издание на фестивалот „Скопско лето“, со својата оригиналност, специфичност и квалитет, како настан ќе остане врежан во колективната меморија на присутните скопјани, но и на сите оние кои се нашле во Скопје и решиле токму оваа топла вечер да ја поминат во Куршумли ан, сместени помеѓу содржините на „Скопско лето“.

– И оваа година, на ова јубилејно издание, преку кое полека се доближуваме кон половина век постоење на манифестацијата, ќе имаме можност скопските летни вечери да ги поминуваме со културните настани предвидени во програмата, кои веруваме со истиот интензитет ќе остават траги во нашите сеќавања, како и оние, сите изминати години наназад – посочуваат од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот