Специјален гостин на Филозофскиот филмски фестивал е полскиот режисер Кшиштоф Зануси

Филмот „Совршен број“ е интелектуален трилер

Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ), кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, годинава ќе се одржи од 2 до 9 јуни во Кинотеката на Северна Македонија.

Во рамките на 13. издание на ФФФ предвидено е да бидат прикажани околу 40 филмови, ќе се одржат 50 настани, ќе има 18 гости и 24 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“.

– Ова фестивалско издание, како и до сега, ќе понуди богата филмска програма на современи филмски остварувања, како и филмски класици коишто се надеваме дека ќе бидат доволна провокација за посетителите и вљубениците во филмот и особено во филозофската димензија на седмата уметност – истакнува директорката на фестивалот, Ана Дишлиеска Митова.

На фестивалското отворање ќе му претходи музички перформанс на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа, емисари на Новиот македонски бран на џез музика. По нивниот перформанс премиерно ќе биде прикажан филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков, кој ќе биде гостин на фестивалот и по проекцијата ќе се одржи Q&A сесија.

Кшиштоф Зануси

Освен Трајков, на фестивалот ќе гостува еден од најголемите европски режисери и сценаристи на денешнината Кшиштоф Зануси од Полска, добитник на „Златен лав“ во Венеција (1984), наградуван во Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио. Зануси е еден од 40 основачки членови на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман.

На фестивалот ќе биде прикажан неговиот најнов филм „Совршен број“ (2022). Филмот ќе биде прикажан во натпреварувачката програма во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за најдобар долгометражен филм. Последното филмско остварување на светски познатиот режисер Кшиштоф Зануси се навраќа на дел од најзначајните теми од досегашното филмско творештво на овој автор, но овојпат структурирани преку неочекуваната форма на интелектуален трилер.

Мотото на годинашното издание на ФФФ гласи „Сè е филм, во множина“, и е инспирирано од големиот филмски великан од Францускиот нов бран Жан Лик Годар (1930-2022).

Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура, во соработка со Кинотеката, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Скопје, МЕДИА Деск Мк, Музејот на современата уметност, како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на фестивалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот