Спасовски: Жестока реакција на институциите е единствен начин за сериозен одговор на насилството

Направивме поинаква приоритети на состојбите за да дојдеме до конкретни резултати во борбата против насилството, а тоа е преку отворање на оперативни акции кои се насочени кон решавање на одредени проблеми што ги имаме во општеството, порача министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница посочи дека ќе се преземаат постојани оперативни мерки против сите групи кои, како што рече, ќе даваат резултати во намалувањето на трендот, но насилството нема целосно да се искорени, бидејќи постои во сите држави од развиениот свет.

– Само преку жестока реакција на институциите може да се даде сериозен одговор на секој случај на насилство. Жестокиот одговор може само да ги обесхрабри. Прашање е само колку институциите ќе бидат посветени и колку ќе дадат резултат истрагите што се прават и колку ќе се постапува по нив без разлика кој го прави насилството. Во изминатите 30 години, секогаш постоеја помали или поголеми криминални групи кои биле поддржувани од политичките елити и тоа е најголемата грешка на елитите кои владееле во било кој момент, рече Спасовски.

Нагласи дека поддршката на каква било криминална група или структура што се занимава со насилство на крајот се враќа како бумеранг, иако можеби на почетокот наликува дека можат да помогнат во случувањата, но на крај, потенцира, сите ја плаќаат цената како општество.

Првиот човек на МВР прецизира дека постојат одредени криминални групи кои делуваат, пред сè, насилнички во Скопје, како главен административен центар, но додаде дека против нив веднаш се преземаат, како што посочи, брзи, ефикасни и радикални мерки во делот на откривањето на сторителите и нивно изнесувањето пред лицето на правдата.

– Многу настани во државата се случуваа зашто мислеа дека некој ги поддржува, ќе ги поддржи и после тоа нема да одговараат. И настанот од 27 април во Собрание се случи заради тоа што се формираше група на која и беше ветено дека некој ќе ја заштити, но мораа да излезат пред лицето на правдата без разлика кој ги штити, рече Спасовски и потсети дека од септември лани во МВР е започната посебна оперативна акција преку која се уапсени голем дел од насилниците во државата кои долги години ги заплашуваа луѓето и веќе се изнесени пред лицето на правдата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот