Спасовски во обиколка на Турбето „Крал К’зи”: Бошњачката заедница е дел од мозаикот на нашето мултикултурно општество

Претседателот на Владата Оливер Спасовски, денеска во рамки на работната посета на Општина Гази Баба, придружуван од заменик министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Неџад Мехмедовиќ, градоначалникот на Општината Борис Георгиевски и претседателот на Бошњачката културна заедница (БКЗ) Џемил Бектовиќ го посетија и историското место Турбето „Крал К’зи” – гробницата на Катарина, ќерката на последниот босански крал Стефан.

Премиерот Спасовски со присутните разговарал за значењето на мавзолејот на кралската ќерка, за кој се претпоставува дека бил изграден кон крајот на 15-от односно почетокот на 16-от век и кој, како што истакна, е од особено значење за бошњачката заедница во нашата држава и како споменик на културата заслужува посебно внимание.

Спасовски нагласи дека секој народ има право на своето минато, национално изјаснување и културна традиција и оти овој споменик го почитуваат не само граѓаните од бошњачката заедница, туку и сите граѓани, бидејќи тој покажува дека на ова поднебје  сите заедно живееле со векови.

– Особено беше оценето дека Бошњаците во Република Северна Македонија се еднаков дел од сите прогресивни сили, кои го сочинуваат нашето општество, кое го почитува културниот плурализам и заедно ги унапредува начелата и вредностите за еднаквост на сите граѓани за нивно целосно општествено интегрирање, независно од етничката или верската припадност, стои во соопштението од владината прес-служба.

Владата, како што подвлекол премиерот Спасовски, низ заедничката соработка меѓу централната и локалната власт сериозно е фокусирана на сите прашања што ги засегаат граѓаните и целосно ја поддржа иницијативата на Бошњачката културна заедница и Општината Гази Баба да се продолжи со уредувањето на просторот околу Турбето.

На падините на Гази Баба околу Турбето веќе се поставени клупи, урбана опрема и дополнително осветлување, со што овој културен споменик ќе го добие својот препознатлив облик и со тоа заслужено преку институциите ќе биде вметнат во туристичката мапа на главниот град на нашата држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот