Спасовски: Во Арачиново од јануари интензивно се работи на инфраструктурата

Преку проектот за асфалтирање локални патишта Општина Арачиново на располагање има преку 600 илјади евра од државата кои ќе бидат за реализација на инфраструктурни проекти, истакна Спасовски.

Тука сме за да се увериме дека градежните работи на инфраструктурните проекти меѓу кои и канализациската мрежа во Арачиново се изведуваат според предвидениот план и утврдените рокови. Ова денеска го изјави премиерот Оливер Спасовски, кој заедни со министерот Горан Сугарески беше во работна посета на оваа скопска Општина.

Премиерот Спасовски информира дека работите на терен почнале интензивно кон крајот на јануари годинава и веќе се завршени околу 55 отсто од канализациската мрежа. Паралелно работат две екипи на две различни локации. Премиерот е уверен дека со ова темпо, изградбата на примарната канализација за населеното место Арачиново во должина од повеќе од десет километри ќе заврши пред предвидениот рок, определен за март 2021 година.

-Кога пред три години се случија политички промени и кога некои се закануваа и предвидуваа федерализација и кантонизација, ние ветивме дека овде, во Арачиново ќе изградиме канализација. Го ветивме тоа затоа што е недозволено населено место на десет километри од главниот град да нема канализациска мрежа во 21 век, рече Спасовски. Додаде дека во оваа Општина најмалку се вложувало од страна на претходната власт, од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Премиерот најави и дека во Општина Арачиново ќе почне градбата на прва градинка, која ќе биде најголема по површина и капацитет за згрижување на деца. Владата и понатаму ќе ја поддржува Општината, а преку проектот за асфалтирање локални патишта Општина Арачиново на располагање има преку 600 илјади евра од државата кои ќе бидат за реализација на инфраструктурни проекти.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот