Спасовски вели дека Мицкоски „продава магла“ со тврдењето дека го следеле со дронови
Координаторот на пратеничката група на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вечерва во гостување на ТВ21 се осврна на наводите на премиерот Христијан Мицкоски дека бил следен со дронови од страна на безбедносните служби, додека беше лидер на опозицијата.
Според Спасовски, се работи за „продавање на магла наспроти реалните проблеми и неуспеси кои ги трпи државата“.
„Продавање магли визави реалните проблеми и неуспеси кои ги трпи државата во изминатите неколку месеци, не може да се покрие тоа лошо менаџирање, лош старт на новата Влада и сите други активности со вакви паушални искажувања“, вели Спасовски.
Тој додава дека, сепак, овие тврдења се сериозни.
„Ова сè мора да помине низ институциите и да се утврдат овие факти што е можно побрзо“, вели Спасовски.