Спасовски: Со Република Србија заеднички сме посветени на унапредување на регионалната соработка

Посочи дека заеднички работиме и си помагаме на забрзување на интеграцијата во Европската Унија на нашиот регион, врз основа на индивидуални заслуги и резултати на секоја земја посебно.

Премиерот Оливер Спасовски заедно со владина делегација, вечерва присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод празникот Сретение Господово и Денот на државноста на Република Србија организирана од граѓанските организации на српската заедница во нашата земја.
-Со чувство на посебна почестеност ја прифатив поканата да се обратам на овој свечен настан по повод празникот Сретение Господово, кој, воедно, е и празник на државноста на Република Србија. Настанот на кој присуствуваме вечерва се организира и со поддршка на Владата на Република Северна Македонија и во оваа прилика ги поздравувам и колегите од Владата. Оваа импозантна програма со која ќе биде исполнета оваа вечер, е уште еден придонес во негувањето на нашите традиционално добрососедски односи. Ние сме две блиски и пријателски земји. Немаме отворени прашања. Заеднички сме посветени на унапредување на нашата и на регионалната соработка, рече Спасовски во своето обраќање пред присутните.
Посочи дека заеднички работиме и си помагаме на забрзување на интеграцијата во Европската Унија на нашиот регион, врз основа на индивидуални заслуги и резултати на секоја земја посебно.
-Нашиот заеднички придонес во одбележувањето на празникот Сретение Господово и денот на државноста на Република Србија, е дел од нашата заложба за континуиран жив и силен интерес за одржување и унапредување на односите меѓу нашите две земји, истакна премиерот Спасовски.
Силна алка, како што додаде, на односите меѓу Северна Македонија и Србија, е заедницата на Србите во нашата земја и заедницата на Македонците во Србија.
-Во таа насока вечерва ја препознавам и културно-уметничката програма за достојно одбележување на големиот празник на српскиот народ. Од презентацијата на српската духовна и црковна хорска музика, преку делата на познатите српски книжевници, до настапот на групата за современи танци „Уна Сага Сербика”, која инспирацијата ја наоѓа во фолклорот на својата земја, како и во фолклорните традиции на другите земји на Балканот, рече премиерот.
Со славењето и почитувањето на празниците на сите заедници во Република Северна Македонија, како што рече Спасовски, создаваме традиција за нашите сегашни и идни поколенија за да ги негуваат меѓусебните односи и да ги почитуваат различните културни особености и национално богатство на сите етнички заедници во нашето општество.
-Унапредувањето и надградувањето на меѓусебните односи е наша водилка која ќе се пренесе како непроценливо богатство за сегашните и идни генерации. Нашата меѓусебна почит и вреднување, нашата соработка и врските кои постоеле помеѓу македонскиот и српскиот народ, од секогаш се нашата предност која посветено треба да ја развиваме. Тоа е нашиот заеднички сериозен придонес во изградбата на подобра иднина за нашите народи, за нашите држави и за нашиот регион, додаде премеирот.
Нашата цел, како што истакна, е создавање на одржливо граѓанско општество, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики. Tокму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво.
-Во тоа наше заедништво што се градеше со векови, со свој значаен придонес учествува и српската заедница во Република Северна Македонија. Во определбата на граѓаните на Република Северна Македонија да градиме и негуваме општество еднакво за сите. И тоа се покажува и преку работата на пратеникот во Собранието, господинот Мирослав Јовановиќ, рече Спасовски во обраќањето на свечената академија по повод празникот Сретение Господово и Денот на државноста на Република Србија, организирана од граѓанските организации и асоцијации на српската заедница во Северна Македонија. 
Во рамки на манифестацијата што се одржа во Националната установа „Македонски народен театар” беше организирана богата културно-уметничка програма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот