Спасовски: Сечиј труд заслужува да биде соодветно вреднуван

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски/Фото: МИА

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати честитка по повод 1 Мај во која порачува дека сечиј труд заслужува да биде соодветно вреднуван.

Според Спасовски, и покрај низата предизвици и глобални кризи во изминатите години, државата се погрижи работните места да бидат приоритет и да ја одржи вработеноста. Решена е, наведува, и историската неправда кон стечајните работници, а веќе и недела е неработен ден.

Во честитката, тој се осврнува и на својот сектор. МВР покажа, оценува Спасовски, дека за само четири години може севкупно да се подобрат професионалните услови и стандарди за работа на полициските службеници. Министерот потсетува и дека од септември ќе се реализира дополнителното покачување од пет отсто за сите вработени во Министерството.

-Изминативе години се соочивме со низа глобални кризи кои имаа силно влијание врз здравствениот, економскиот, енергетскиот сектор и дотоколку повеќе беше важно заеднички, како колектив да се исправиме пред предизвиците и да го одржиме општеството на прав пат. Притоа, се погриживме работните места да бидат приоритет, да ја одржиме вработеноста како движечка сила на економијата и на развојот на секое општество. И покрај глобалните предизвици, успеавме во нашата цел и продолживме да ги зголемуваме платите – минималната плата за 4 години од 9.000 ја зголемивме на 18.000 денари, на чекор сме до просечна плата од 30.000 денари, наведува Спасовски.

На овој ден, дополнува, се изразува почит кон работниците.

-Тие знаат дека успехот е производ на напорна работа и посветеност, а сечиј труд заслужува да биде соодветно вреднуван. На овој ден изразуваме посебна почит за нивната доследна борба за унапредување на нивните права. Во знак на сеќавање на 1 мај 1886 година, кога во Чикаго околу 40.000 работници излегле на улиците започнувајќи генерален штрајк со барање за подобри услови за работа и 8-часовно работно време, под мотото „три осумки”, штрајк кој, за жал, завршил со неколку жртви и многу повредени, го одбележуваме овој празник, како симбол на одлучната борба на некогаш обесправениот работник, па сѐ до денес, кога заеднички работиме на унапредувањето на правата на работниците, вели министерот.

Во врска со стечајните работници, потсетува дека 12.000 лица се обештетени со месечен надоместок од 8.000 денари до пензионирањето.

-Успеавме и во уште една наша поставена цел – недела е неработен ден. Изградивме Едно општество за сите кое постојано го развиваме, а од аспект на МВР покажавме дека за само четири години може севкупно да се подобрат професионалните услови и стандарди за работа на полициските службеници преку реновирање и изградба на 73 полициските станици, да инвестираме 10 милиони евра само за набавка на униформи, да обезбедиме најсовремена техничка опрема, исплата на бонус плати, а од  септември ќе го реализираме дополнителното покачување од пет отсто за сите вработени во МВР. Со овие континуирани активности стартувавме во 2017 година, што резултираше со одлични резултати и висок степен на ефикасност во полициското работење и нема тука да застанеме. Нека е честит 1 Мај – Денот на трудот, со заедничка работа до прогрес за сите граѓани и државата, пишува Спасовски во честитката.

Видео на денот