Спасовски: Потребата од соработка во регионот и со ЕУ е поизразена од кога било

Под покровителство на германското претседателство со Советот на ЕУ, министрите за правда и за внатрешни работи на Германија, заедно со Европската комисија, претставувана од Европскиот комесар за соседска политика и проширување, Европскиот комесар за миграција, внатрешни работи и државјанство и Европскиот комесар за правда, потрошувачи и родова еднаквост, преку видео-конференциска врска одржаа состанок со нивните колеги од земјите на Западен Балкан на годишниот Министерски форум за правда и внатрешни работи меѓу Европската Унија и Западен Балкан.

На оваа видео-конференција учествуваше и се обрати и министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски.

На работните сесии на Форумот заедничките дискусии биле насочени на теми поврзани со миграцијата, ефективното гранично управување, заедничката борба против тероризмот и превенцијата од насилниот екстремизам, како и борбата против организираниот криминал, со посебен осврт на илегалната миграција, трговијата со оружје и трговијата со дрога.

Министерот Спасовски во своето обраќање, соопштија од МВР, изразил задоволство што и во овие вонредни околности предизвикани од пандемијата заедничката соработка продолжува.

– Во тој контекст, единствено преку размена на мислења и ставови можеме да креираме заеднички политики за справување со новите предизвици. Пандемијата можеби ја наруши можноста од директни средби, но нашата потреба од соработка во регионот и со нашите партнери од Европската Унија е поизразена од кога и да било претходно, рекол министерот Спасовски.

Министрите, стои во соопштението од МВР, се согласиле дека регионот на Западен Балкан продолжува да биде под значителен миграциски притисок и разговарале за тековните предизвици, вклучително и во контекст на пандемијата Ковид-19 и нејзиното влијание врз движењето на луѓето.

Претставниците од Европската Унија и земјите од Западен Балкан го потврдиле заедничкиот интерес за зголемување на билатералната соработка за поефикасно управување со миграцијата.

Во таа насока, министрите изразиле поддршка за зголемување на регионалната размена на информации во регионот на Западен Балкан.

– Успешната борба против миграција и криумчарењето мигранти е најдобро рефлектирана во заедништвото и партнерството, кое на дневна основа го применуваат нашите полициски службеници со нивните колеги од земјите од регионот и ЕУ. Оттаму, во оваа пригода би сакал да изразам посебна благодарност до нашите партнери, кои и во овие тешки времиња ги испратија своите полициски службеници на нашата јужна граница за да можат заеднички, со колегите од Република Северна Македонија, да се справуваат со сериозните миграциски предизвици, истакнал министерот Спасовски.

Во однос на тероризмот и насилниот екстремизам, претставниците од Европската Унија го поздравиле напредокот постигнат од страна на земјите од Западен Балкан во исполнување на целите утврдени во заедничките акциски планови за борба против тероризмот. Истовремено, се подвлекува во соопштението од МВР, министрите за внатрешни работи од Западен Балкан ја изразиле својата подготвеност и решителност за продолжување со исполнување на обврските од наведените акциски планови и во наредниот период, во текот на 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот