Спасовски: Полицијата жестоко ќе се спротистави ако некој ја понижува Македонија и македонскиот народ во сабота

Оливер Спасовски - министер за внатрешни работи / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Македонската полиција има капацитети во какви било услови да ја задржи безбедноста и мирот и спокојот на граѓаните, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на прашањето за тоа има ли МВР капацитет да осигура мирно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, настан што Советот за безбедност го оцени како високоризичен.

Граѓаните, вели Спасовски, воопшто не треба да се грижат дека ќе бидат преземени сите мерки за достоинствено чествување, без никакво нарушување на јавниот ред и мир.

– Оваа држава има свои институции кои што се задолжени за зачувување на јавниот ред и мир. На основа на проценките, ќе биде активиран план кој ќе придонесе за мирно чествување. Присуството на полицијата треба да биде на наше задоволство дека ќе се осигура мирно и достоинствено чествување, а не да се вознемируваме дека има присуство на полицајци. Тие се тие коишто нѐ штитат и ни создаваат атмосфера во којашто сите ние безбедно живееме и работиме – нагласи министерот Спасовски во разговор утрово на МТВ.

Тој, исто така, истакна дека најавите за некакви „ноќни стражи“ се едноставно неприфатливи, а полицијата е таа која ја гарантира безбедноста на граѓаните.

-Ниедна политичка партија не може да присвои некој лик и нечие дело. Тој му припаѓа на македонскиот народ. Единствено нешто што го заслужува Гоце Делчев е да имаме достоинствено чествување на негово дело. Ние како држава водиме политика на добрососедски односи, тука нема дилема, меѓутоа затоа бараме почит и достоинство. Од тие принципи ние не отстапуваме. Сакаме да подадеме рака на секого, меѓутоа жестоко ќе се спротивставиме доколку некој сака да ја понижи Македонија и македонскиот народ, категоричен е Спасовски.

Министерот за внатрешни работи уште еднаш испрати апел за достоинствено чествување, порака до сите дека секој поединец ја носи својата лична одговорност за заедничката безбедност, за демократско однесување и дека македонската полиција е целосно подготвена да обезбеди услови за достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев без никакви нарушувања на јавниот ред и мир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот