Спасовски: Пандемијата ја наметна потребата од смислен и прецизен меѓуинституционален одговор

Оливер Спасовски министер за внатрешни работи - фото: Дргаган Митрески / Слободен печат

Уште на самиот почеток на пандемијата на ковид-19 стана очигледна потребата од смислен и прецизен меѓуинституционален одговор што во себе мора да ги обединува сите парцијални институционални активности, градејќи го мозаикот на општественото системско спротивставување и заштита, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во видеообраќање на научната конференција „Промените, предизвиците и издржливоста на цивилната заштита за време на ковид-19″, организирана од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

– Ја имав можноста, но и одговорноста особено во почетокот на глобалната пандемија како претседател на Владата на Република Северна Македонија, а потоа и како министер за внатрешни работи многу одблиску и детално да имам увид во еден сериозен предизвик кој директно атакуваше на човековото здравје и живот, истакна Спасовски.

Во периодот на КОВИД-пандемијата, од аспект на работењето на МВР, Спасовски информираше дека полициски службеници само во текот на минатата година извршиле над 780.000 контроли на преку 210.000 лица што биле во изолација или самоизолација, додека пак во координација со надлежните инспекциски служби во текот на 2021 учествуваа во околу 35.000 контроли на разни видови објекти.

Во своето обраќање министерот го истакна фактот дека концептот за заштита и спасување, независно од карактерот на заканите или карактерот на предизвиците и состојбите, со сите кризни и загрозувачки потенцијали, во својата основа претставува исцрпен процес на опсервација, планирање и донесување одлуки што понатаму ќе треба оперативно да се реализираат.

– Тоа всушност претставува еден од базичните системски механизми според кој, меѓудругото, може да се добие јасна претстава за капацитетите, перформансите и зрелоста на општеството, неговите институции и нивната подготвеност соодветно и ефикасно да одговорат на можните кризни предизвици. Оттаму за поздравување е иницијативата на Дирекцијата за заштита и спасување преку еден ваков примарно стручен и научен собир, уште еднаш темелно да пријде кон низа прашања од суштинско значење во превенцијата и заштитата на луѓето, на материјалните добра и на животната средина, додаде тој

На крајот од своето обраќање министерот за внатрешни работи нагласи дека е потребно да има повеќе вакви конференции што, според него, се исклучително важни точки на преиспитување, на анализа, но и на искуствено разменување на согледувања и практики при што примарниот збор го има токму стручноста.

Видео на денот