Спасовски од Пробиштип: Почнаа да користат бела боја, а во Белата палата на криминалот, им гние

Фото: СДСМ

„На ВМРО-ДПМНЕ и треба реформа, бидејќи и на државата и е потребна здрава опозиција што ќе има визија и ставови“, нагласи на партиската трибина во Пробиштип, потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски. Тој додаде дека е потребна опозиција што ќе знае да каже дека има и добри проекти и за кои ќе даде поддршка, но напротив, како што рече Спасовски, ВМРО-ДПМНЕ единствено знае да блокира, па наместо да се изграделе навреме модуларни болници, нивната тогашна заменичка во Министерството за финансии ги блокирала проектите.

-Во таа партија е истата криминална и нереформирана клика на ВМРО-ДПМНЕ, истите луѓе што го водеа режимот, кои половина ден се во Собрание, а половина ден по судски рочишта. Истите тие сега имале нов концепт „Македонија за сите“, кажа Спасовски, дополнувајќи дека тоа биле истите лица што за вработување барале партиска книшка, очекувале поддршка за положен испит, сакале глас а за возврат ќе дозволат ин-витро оплодување.

Според Спасовски, со тие луѓе нема „Македонија за сите“ и тие никогаш нема да бидат опција што ќе ја замени актуелната власт.

-Почнаа да користат бела боја, која е олицетворение на чистината, а нивната Бела палата е олицетворение на криминалот, а внатре им гние. Треба да се потсетиме под каква власт живеевме единаесет години, за да не ни се вратат луѓето што вршеа закани и уцени, заклучи Спасовски.

Тој пред жителите на Пробиштип нагласи дека партијата кога ја презела власта одлучила храбро да ги решава проблемите, а не да владее популистички.

„Имавме две опции кога ја презедовме власта – едната беше да работиме популистички и секогаш друг да обвинуваме за немањето успеси, а другата беше да преземем одговорност за клучните прашања и да носиме храбри одлуки“ кажа потпретседателот на СДСМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски на граѓанската трибина „Најдоброто за нашата општина“ во Пробиштип.

Тој додаде дека со храбрите одлуки и носењето на клучни чекори за државата, Северна Македонија за 4 години стана членка на НАТО и ја врати слободата и демократијата.

„Денес сме членови на НАТО, каде што влеговме како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Ве уверувам дека со мудри политики и посветеност, пожртвуваност и храброст ќе ги отвориме преговорите за ЕУ и ќе станеме европска земја како Македонци кои зборуваат македонски јазик“ кажа Спасовски.

Потпретседателот на СДСМ потенцираше дека за македонскио идентитет, македонскиот јазик и македонскиот народ не се преговара.

„Опозицијата најмалку може за тоа да наоѓа замерки, бидејќи тие не покажаа став за ниту едно клучно прашање за иднината на земјата. Опцијата која тие ја претставуваат секогаш била опција која ставала сопка или нов нож во грбот на Македонија“ кажа Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот