Спасовски: Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби околу автобуската несреќа

Оливер Спасовски
Прес-конференција на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски / Фото: Влада на РСМ/принтскрин

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва на прес-конференција изјави дека очекува брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и оти верува дека со една заедничка соработка со бугарските институции многу бргу ќе имаме одговор околу сите нејаснотии околу автобуската несреќа на автопатот „Струма” во која загинаа 45 патници, а седум се повредени и согласно тоа ќе има ефикасност во утврдувањето на одговорноста.

-Она што засега можам да го кажам и е во доменот на податоци со кои располага МВР е дека последната извршена проверка на техничката исправност на автобусот е на 5 октомври 2021 година, а истражната постапка ќе ги даде одговорите на сите отворени прашања. Нашата земја и Бугарија се заедно во тагата за жртвите во трагичнатасообраќајна несреќа на автопатот „Струма”, но и во активностите за расветлување на причините за автобуската несреќа, за идентификувањето на жртвите во несреќата, за давање помош и за лекување на настраданите за што сме благодарни, рече Спасовски.

Спасовски, изразувајќи најдлабоко сочуство до семејствата на загинатите, порача дека Владата останува со семејствата и дека институциите се тука да обезбедат поддршка и помош согласно потребите.

-Веќе е извесно дека организацијата и трошоците околу враќањето на жртвите во земјава ќе бидат на товар на државата, рече министерот за внатрешни работи.

Во однос на можните причини за несреќата, министерот рече дека треба да се почека истражните органи кои ја вршат истрагата и кои извршија увид на лице место на настанот да дадат свој извештај.

-Мислам дека апсолутно не е добро во овие моменти од ниту еден аспект да излегуваме со какви било информации што се на ниво на шпекулации. Тоа воопшто нема да ни помогне на сите нас, туку напротив ќе наштети на истрагата, рече Спасовски.

Истрагата за автобуската несреќа, објасни тој, ја водат бугарските истражни органи и тоа е така во секоја од државите.

-Ние испративме тим кој е предводен од помошник директорот на Бирото за јавна безбедност на одделот за униформирана полиција, началникот на одделот за Крим техника и претставници од сообраќајната полиција. Исто така, напоменавме дека претставници од Јавното обвинителство и Судска медицина се таму се со цел да можат да асистираат за која било потреба за истрагата. Во рамките на МВР е формиран посебен штаб што работи целодневно исто како што работи штабот во МНР и секако дека во нашиот штаб е вклучено и политичкото аташе на Република Бугарија во РСМ. Многу е важно во овие моменти брзо да се разменуваат податоци и информации кои се во интерес на истрагата и тие податоци да бидат споделени со ЈО на Бугарија, со истражните органи. Секако дека многу важно ќе биде за брзината на идентификацијата на починатите во Судската медицина асистенцијата што ќе ја дадат нашите институции, истакна Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот