ВИДЕО | Спасовски: Обвинувањата меѓу Рускоска и Муареми штетно влијаат врз довербата во институциите

Фото: Скриншот, Фејсбук

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека обвинувањата меѓу шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми штетно влијаат врз доверба во институциите.

„Ова предизвикува штета на граѓаните заради тоа што вербата во институциите се губи и секој кој носи било каква функција, мора да носи одговорност – етичка, морална…. Не може да се дозволи да се растурат институции од било кого и за тоа треба цврсто да застане секој заради тоа што ако се изгуби вербата во институциите, тогаш е најголемиот проблем. Така што мора да се размислиме зошто институциите, обвинителство, судство имаат осум отсто доверба. Не верувам дека ова е начинот на којшто ќе ја зголемуваме довербата“, изјави вечерва Спасовски во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија.

Обвинувањата меѓу Рускоска и Муареми траат извесен период, а Рускоска ги повика надлежните институции во државата и меѓународните институции и амбасади „да ги проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“. Нејзината реакција уследи откако директорот на Финансиската полиција најави дека ќе поднесе кривична пријава против неа и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Од Европската комисија во изјава за МИА порачаа дека внимателно ги следат сите случувања со меѓусебните јавни обвинувања меѓу Рускоска и Муареми и дека ова прашање треба да го решат надлежните институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот