Спасовски ја прими новата амбасадорка на СР Германија Холштајн

Новата амбасадорка на Германија во државава Анке Гизела Холштајн денеска на првата средба со преиерот Оливер Спасовски потенцирала дека СР Германија го презема претседавањето со ЕУ во исклучително кризен период заради пандемијата со КОВИД-19. Таа дополнила дека врвниот приоритет во претстојниот период е со победата над вирусот Европа да биде повторно силна и дека тоа ќе го направат заедно со сите земји членки на ЕУ и нејзините партнери,  како и дека меѓу приоритетите на германското претседавање со ЕУ влегува и заложбата за одржување на првата меѓувладина конференција за старт за почеток на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ, соопшти владината прес-служба.

На средбата станало збор и за организацијата на изборите за пратеници во Собранието, при што премиерот Спасовски истакнал дека изборите на 15 јули ќе бидат успешно спроведени, како што доликува на земја членка на НАТО и земја што наскоро ќе започне преговори за членство во ЕУ, за што гаранција се и успешно спроведените локални избори во 2017, претседателските во 2019 и референдумот во 2018 година.

Спасовски и честитал на Холштајн за започнувањето на нејзиниот дипломатски мандат во нашата земја.

Ја истакнал одличната соработка со претходниот амбасадор Томас Герберих, и изразил уверување дека и со новата амбасадорка ќе продолжи продлабочувањето на односите и зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и СР Германија. Во разговорот со амбасадорката Холштајн било изразено големото взаемно задоволство од исклучително добрите билатерални односи, од интензивниот и динамичен дијалог, што кулминираше со посетата на Канцеларката Меркел на нашата земја во септември 2018 година.

-Премиерот Спасовски на средбата ја нагласи пријателската улога на СР Германија за поддршката за нашата земја за остварувањето на членството во НАТО и за поддршката во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и изрази задоволство од очекувањето дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи во втората половина на 2020 година, за време на германското претседателство со ЕУ, за што стигна охрабрување и од канцеларката Меркел дека тоа е и една од целите на СР Германија за време на претседавањето со Европскиот Совет, информираат од Владата.

Двете земји, стои во соопштението, имаат одлична соработка во различни сфери, при што се издвојува економијата заради фактот што СР Германија е наш прв трговски партнер со над четири милијарди евра трговска размена минатата година и земја од која доаѓаат најголемиот број и најзначајните инвеститори.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот