Спасовски: Изгубени се само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во пустите надежи за обнова на режимот (ВИДЕО)

Фото: Слободен печат

Влеговме во НАТО и сме на почеток на отворањето на преговорите за членство во ЕУ, со што ги остваривме двете стратешки државни цели, при тоа заштитувајќи во целосно идентитетот – нешто што режимот на ВМРО- ДПМНЕ цела деценија намерно го блокираше, за во изолирана држава да краде и да се богати, истакна Оливер Спасовски, потпретседател на СДСМ и носител во ИЕ 2 во изјава за медиумите.

-Денес сме 30-та земја членка на НАТО. Во Програмата велиме можеме и во ЕУ бидејќи и Преговарачка рамка е утврдена, а од највисоките политички нивоа во Унијата, лично од германската канцеларка Ангела Меркел, слушнавме најава за отворање на првите поглавја меѓу нашата земја и ЕУ. Во Преговарачката рамка, македонскиот јазик е наведен како јазик на којшто треба да се преведе европското законодавство пред да станеме држава членка на ЕУ. Македонскиот јазик е наведен и во личната карта на државата во Обединетите нации. Република Северна Македонија, македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската посебност, денес се признаени од целиот свет- рече тој.

Разобличени се лагите на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ за наводно губење на идентитетот и на јазикот, потенцираше Спасовски. Изгубени се само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во пустите надежи за обнова на режимот.

-На правиот пат сме и обновен режим не смееме да дозволиме. СДСМ е сигурност. ВМРО-ДПМНЕ е опасност. Со Зоран Заев и СДСМ одиме напред. Со Мицкоски, продолжена рака на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, се враќаме назад. И вие знаете дека опцијата за подобар живот и за сигурна иднина на државата се Зоран Заев и СДСМ. Најавуваме дека во следните 4 години ќе отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ, а за 5 – 6 години ќе го затвориме преговарачкиот процес. Од европските фондови со тоа обезбедуваме 2,5 милијарди евра за државата за европски стандарди – дома. Евроатланскиот пат овозможува и нови странски инвестиции од една милијарда евра на што се обврзуваме. Ќе ги поддржиме и домашните и странските претпријатија во земјава со 600 милиони евра, во новата развојна економија, за повисоки плати, пензии, работни места, за уште повеќе пари назад кон граѓаните- рече Спасовски.

Донесовме храбри и лидерски одлуки, вели Спасовски, со што ја осигуравме државата во НАТО и кон ЕУ и го заштитивме целосно идентитетот и одлучно се справуваме и со здравствено-економската криза.

-Знам дека не сте подготвени вашето здравје да го доверите на неодговорни луѓе како Мицкоски и носителите на листи на ВМРО-ДПМНЕ, кои се продолжена рака на режимот и мислат само на себе. На овие избори се носи голема одлука за продолжување по правиот пат. Гласањето е целосно безбедно. Сите протоколи за безбедно гласање се утврдени. Да постапиме одговорно, да излеземе на изборите на 15 јули и да овозможиме победа на Сигурноста наспроти Опасноста. Да избереме функционални институции коишто уште повеќе и уште подобро ќе бидат во можност да продолжат да се грижат за граѓаните и државата. Да заокружиме број 3. За сигурност- рече Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот