Спасовски апелира да не се користи мобилен телефон при возење, дури 60 проценти возачи во земјава користат мобилни во сообраќајот

мобилен телефон
Мобилни телефони / Фото: Unsplash

Фактот дека според Светската здравствена организација одвлеченото внимание на возачот поради користење на мобилен телефон се јавува како причина во без малку една четвртина од сите сообраќајни незгоди, јасно укажува дека одредени модерни технолошки алатки едноставно не можат да се користат секаде и во секоја прилика, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски .

Евидентно е дека се соочуваме со еден нов и потенцијално многу опасен феномен кој согласно статистиките и аналитички согледувања има капацитет на крајно сериозна закана, чија цена се човечки несреќи и трагедии, нагласи Спасовски во обраќањето на научниот собир на тема „Не користи мобилен телефон додека возиш”, во партнерска организација на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Факултетот за безбедност и Министерството за внатрешни работи, што се одржа во амфитеатарот на Факултетот за безбедност во Скопје.

Според него, секоја техничко-технолошка новина во себе носи важни дилеми кои бараат соодветни правила на прилагодување, особено ако практичните искуства покажуваат конкретни проблеми при користењето.

Тој истакна дека препознавајќи ја таа опасност повеќе години наназад сите релевантни институции од областа на сообраќајот не само што законски го нормираа како казниво поведение користењето на мобилните телефони при возење, туку интензивно се вклучија во превентивно делување и заеднички работеа на подигнување на јавната свест, дека на користењето на мобилните телефони не му е местото во сообраќајот, без разлика дали станува збор за управување на моторно возило, минување на сообраќајниците или велосипедска рекреација, притоа не исклучувајќи ниту еден учесник во сообраќајот.

Сообраќајниот прекршок „зборување на мобилен телефон” во последниов период бележи пораст, па во изминатата 2021 година биле процесуирани дури 1.617 вакви прекршоци. Оваа година, од нејзиниот почеток заклучно со крајот на септември, санкционирани се 2.128 возачи за користење на мобилен телефон при возење. Како што претходно истакнав, порастот на бројката е резултат на рапидно зголемената активност на полицијата во санкционирањето на непочитувања на сообраќајните правила и прописи, додаде Спасовски, презентирајќи ги официјалните статистики од аспект на полициска работа.

Претседателката на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Гордана Кожуваровска потенцира дека според истражување на РСБСП, на светско ниво 45 проценти од возачите користат мобилен телефон додека возат, а во земјава таа стапка е дури 60 отсто од возачите.

Употребата на мобилен телефон додека се управува со моторно возило е ризично, опасно, но и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Не постои разговор на мобилниот телефон чија важност може да се спореди со пристигнувањето на посакуваната дестинација безбедно и со добро здравје, сублимира Кожуваровска.

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски потенцира дека мобилните телефони во комбинација со управување со моторно возило може да бидат смртоносни алатки.

Кога возиш, остави ги за подоцна сите разговори на мобилниот телефон. Заштити се себе си и другите учесници во сообраќајот, истакна Дујовски, согласувајќи се со другите ученици на научниот собир дека ваквите стручни настани и вклучувањето на повеќе различни институции и на стручните но и на образовните, односно академски средини, можат дополнително да придонесат за разбирањето и решавањето на ваквите негативни феномени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот