Спасот во хуманиот радикализам?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Потребна е нова „активна и нестрплива надеж“ за да се бара и најде потенцијал и можност за акција од внатре. Тогаш и критичката и радикалната мисла ќе бидат поплодотворни, зашто ќе ја отелотворуваат љубовта кон животот.

Не треба човек да е многу умен, да е филозоф, научник или голем државник за да ја види и да ја почувствува тежината на состојбата во која се наоѓаме! Македонија чекори по работ на амбисот и сѐ што треба да ја одржи, сѐ е колабирано и во безживот кумулирано. Додуша, исклучок е политиката и практиката на носителите на власта што ја применуваат за да нѐ замајуваат?! Не треба да се набројуваат и причините за тоа, зашто навистина секому му се познати и нема зошто да се повторуваат. Колку за потсетување и барање какво било оправдување, ќе истакнеме неколку мислења и безуспешни решавања на проблемите: пандемијата од почеток до крај помина, ама и не замина, па и здравството од горе до доле се разболе; економијата сѐ уште талка и остана без економија; политиката е преполна со ветувања и мудрувања без напредувања; културата ја загуби културата, а образованието потпадна под безумието…
Интеграцијата во ЕУ стана вистинска имагинација и добра причина за нарација со варијација. Не, рече премиерот во Брисел, не прифаќаме такви преговори, па уште невратен оттаму, некој го услови и веднаш му вети дека ветеното во Собрание ќе се донесе! А, да не кажуваме и да набројуваме колку пати досега „влеговме“ во Унијата со изјавите на претходниот премиер?! И, уште ли не сте задоволни од власта, бре, луѓе?!

Ама и да не сте задоволни, проблемот не е во премиерите, пијарите и лидерите?! Најголема вина сносиме ние, граѓаните, што им веруваме на лагите?! Всушност, тие се најубедливи и најизвршителни пред избори, кога сѐ живо и диво ветуваат и за „подобро“ кумуваат. И, кој не би се радувал на подоброто?! Но, испадна дека од тоа ништо не испадна?! Тие да успеаја барем ѓубрето да го исфрлат од пред зградите, контејнерите и парковите. Излезете од дома кутурица на која било улица и погледајте со што сме опколени?! Како да се наоѓаме во Авгиевите штали и Авгиј за да не се посрами, ќе го викнел Херкула да го исчисти ѓубрето. Туку, не е лошо и ние да го повикаме; „Ајде брат Херкула, доаѓај и помагај нив да ги прочистиме и ветингираме, за да можеме да вегетираме?!

Кризата навлезе во сите пори на животот, што е добро од една страна, зашто сите општествени, политички и научни субјекти се впрегнати и бараат чаре за излез од овој безизлез. Покрај тоа, многумина се прашуваат дали е причината во оваа „ненародна влада“, дали во водачите на партиите или во предавниците, односно патриотите?! Ваквата состојба како едвај да ја дочекаа многу аналитичарчиња и пиарчиња, а работата е дотаму отидена, што и најобичните луѓе се чудат и се прашуваат што тие нудат со нивните анализи и несфатливи небулози?!

Станува збор за спасот на Македонија од бугаризација, за чувањето на јазикот, на идентитетот и нашите корени. Со прифаќањето на Францускиот „модифициран“ предлог и исполнувањето на билатералниот протокол како услов за кревање на ветото од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ, запечатен е одот на Македонија кон евроинтеграциските процеси. Еден од поасолните и поискусен аналитичар вели дека самите Македонци се виновни што се толку раскарани, па дури подготвени да се изедат меѓу себе. Навистина, како не им дојде паметот барем да земат пример од нашите браќа Албанци?!

Не можам да ги наведам сите „мудри“ укажувачи и подучувачи за излезот од кризата, но ќе спомнам уште еден познат и признат новинар, кој многу милува да предвидува и да филува. За него ништо не значи Бугарите да влезат во Уставот, демек немало да пропадне државата?! Интересна му беше и „анализата“ за укажувањата на претседателот на МАНУ, за кого вели дека во вакви услови и околности лесно ги мобилизирал луѓето со патриотизмот (демек тие се недоветни), дека неправдата што ни се прави од ЕУ, од Бугарија и од Грција е заговор за исчезнување на Македонците!

„Видно загрижен“ за Македонија по 20-30 години да не остане сама во балканската крчма, се прашува: „Што ќе правиме кога Македонците нема да исчезнат и кога ќе ги зачуваат и јазикот и своите идентитетски посебности?“ И, замислете, го оспорува научникот што истражува и врз факти предвидува и докажува, а тој на бавтана, којзнае од какви побуди, тврди нешто што не може никој да потврди?!
Всушност, така не се бара излез од кризата во Македонија?!Анализирајќи ги состојбите во една поранешна колумна напишав дека спасот треба да се бара и да се најде во хуманиот радикализам.

Познатиот германски филозоф Ерих Фром тврди дека овој правец се залага за темелни промени во нашите вредности, во нашата концепција за човековите цели и во нашето однесување. Но, кај нас сѐ уште не се создадени услови за ваква опција. Недостасува организираност, храброст и смелост за да се „осмисли она немисливото“ и да се делува во границите на можното?! Потребна е нова „активна и нестрплива надеж“ за да се бара и најде потенцијал и можност за акција од внатре. Тогаш и критичката и радикалната мисла ќе бидат поплодотворни, зашто ќе ја отелотворуваат љубовта кон животот. Така ќе се зголеми и ќе се развива грижата кон иднината на нашите поколенија, а ќе исчезне одмаздата и омразата. Верувам дека тогаш ќе се обединат и нашите македонски партии и ќе почнат заедно да се борат за државните интереси!

(Авторот е писател)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот