Спасот на Барселона е во Ла Масија

Жоан Лапорта сака да ја врати славата на фудбалската академија на Барселона/ Барселона, Шпанија/ фото: EPA/ALBERT OLIVE

Финансиската криза ги натера челниците на Барселона да направат смена на генерациите и таа задача да му ја доверат на Роналд Куман.

Во време кога се прават документарни филмови за сè и сешто, на таков чекор се одлучи и тренерот Роналд Куман кој сними документарец за своето искуство на „Камп Ноу“, кој го објави холандска телевизија.

Од виденото во документарецот, шпанските медиуми донесоа заклучок дека на Куман не му е седно што претседателот Жоан Лапорта не застана цврство зад Холанѓанецот и дека го остави на клупата само бидејќи летово не успеа да најде соодветна замена (не се договори со Чави Ернандез).

Куман изгледа дека поради тоа одлучи да работи како и поголем дел од вработените во Барселона, да работи тоа што тој сака, да зема плата и да чека да биде отпуштен за да може да си замине со милионска отпремнина.

Доволен доказ за тоа е и неисполнувањето на клаузулите во неговиот нов договор, како што се дека мора да ја следи фудбалската филозофија на игра на Јохан Кројф и дека мора да го става во игра Рики Пуџ.
Но, Куман ниту ја следи филозофијата на Кројф, ниту му дава шанса на Пуџ.

Голем дел од вината лежи и во Жоан Лапорта кој на почеток од годинава седна во претседателската фотелја, но овој пат за разлика од првиот мандат не носи храбри одлуки и се повеќе личи на неговиот претходник Хосеп Марија Бартомеу.

Но, во документарниот филм, Куман открива дека една од визиите и агентите на Лапорта е да се врати славата на академијата на Барселона, Ла Масија. Лапорта сака младите таленти од Ла Масија да добиваат поголема шанса за да може за две-три години да бидат носители на играта на Барселона.

Уште еден дополниелен мотив на Лапорта за оваа идеја се ниските плати на младите фудбалери, но и надежта дека екстра талентираните млади фудбалери предводени од Ансу Фати ќе успеат да ги повторат успесите на Меси, Чави Ернандез и Андрес Иниеста кои исто така беа продукт на Ла Масија.

Каталонскиот весник „Мундо Депортиво“ веќе состави тим кој го нарече „бејби тим“ кој е составен од играчи кои се продукт на Ла Масија.
На голот е Ињаки Пења, Оскар Мингеса и Сержињо Дест се десни бекови, Роналд Араухо и Ерик Гарсија се штопери додека Алехандро Балде е лев бек.
Во средниот ред се Нико Гонзалес, Пабло Паес Гавира-Гави и Рики Пуџ, а нападот го предводат Јусуф Демир, Ансу Фати и Педри Гонзалес. Најмладиот фудбалер во овој тим има 17 години, а најстариот 22 години.

Куман веќе им даде шанса на дел од овие фудбалери, Мингеса, Конрад де ла Фуенте и Илаиш Мориба уште минатата сезона дебитираа за првиот тим, а оваа сезона шанса добија и Нико Хонзалес (19 години) против Реал Сосиедад, Јусуф Демир (18) против Атлетик Билбао, Гави (17) имаше одлично деби против Хетафе, а Алехандро Балде (17) дебитираше во Лигата на шампионите. Гави, Балде и Демир се меѓу петте најмлади фудбалери кои се пријавени за настап во Лигата на шампионите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот