Спасот е во самите нас

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Бадијала ќе биде и Петков да дојде во Скопје со целата своја благонаклоност, и Отворен Балкан да стане поотворен и од некогашна Југославија, и ЕУ да нѐ прими во своето друштво со голема финансиска поддршка, ако ние самите не работиме на себе.

На политичката и на економска сцена врие како во кошница. Бугарскиот претседател Румен Радев свика состанок на Советот за национална безбедност на тема интеграција на Западен Балкан во ЕУ, а премиерот Кирил Петков го потврди и своето доаѓање во Северна Македонија. Ова донесе нова надеж за подобрување на врските помеѓу двете држави.

Во самиот Западен Балкан, иницијативата Отворен Балкан го направи првиот чекор, така што сега за еден ист прехранбен производ не треба да се прави лабораториска анализа во две земји – и во Скопје и во Белград, или во Тирана. Нешто се случува во процесите на интеграција. Но, сето тоа е далеку од конкретни резултати, а пандемијата ни ја покажа драгоценоста на времето, на оној песочен часовник што секој ден истекува…

Стапката на економски раст (последен податок: 3 проценти раст на БДП во третиот квартал 2021 година во однос на истиот период во 2020 година) покажува закрепнување, а очекувањата се дека во втората половина од 2022 година треба да се вратиме на стапките на раст од пред пандемијата. Притоа, според концептот на Владата, многу треба да помогнат јавните инвестиции и реализацијата на капиталните проекти.

Но, фактите се дека зацртаните капитални проекти, никогаш, ама баш никогаш не се реализирале целосно во една фискална година, дека корона-кризата продолжува со исто темпо на жестока неизвесност, со празнење на работните места и со полнење на болниците и, како капак на сѐ, почнува процесот на формирање нова влада, локалната власт сѐ уште се конституира, се менуваат директори, се креираат надзорни одбори, управни одбори и, додека сето тоа трае, пак некои нови ликови се учат што треба, а што не треба да прават… И, сите ние заедно губиме време.

Губиме време за да го подобриме образовниот систем, за да направиме нови енергетски проекти, за да го консолидираме судството, за да го реализираме проектот „Македонија без кал“, за да го направиме автопатот до Охрид, за да ја изградиме пругата до Бугарија… Загубените, пак, години донесоа и една општа апатија кај народот. Тоа го покажаа и податоците за локалните избори – лошата излезност беше огледало на едно масовно препуштање, помиреност со тоа дека судбината други ни ја кројат.

Прашањето е има ли излез од тунелот? Она што не зависи од нас е пандемијата со коронавирусот и глобалните трендови на кои им се препуштивме без никаква задршка (на пример, за струјата не мораше да биде така). Сѐ друго сѐ уште зависи од нас. Од нашите одлуки како народ, како Влада, од нашата мудрост, од нашиот морал, од нашата визија. Но, до каде е нашата визија? До првото ќоше што води кон корупција? До првиот тендер што води до провизија? До првиот бугарски пасош што води кон Германија? Можно ли е да има толку многу Македонци кои се колнат во името на предците, кои ги боли придавката Северна, а да нема Македонци што ќе го фатат вистинскиот пат?

Исцрпени сме на сите полиња – од образование, преку финансии, па до моралното расудување. Направените грешки не може да се поправат преку ноќ, но секогаш може да се почне да се работи на тоа. Во моментов цела Европа куби коси поради цената на гасот и на струјата. Франција трепери повторно да не излезат „жолтите елеци“ на улица (кај нас властите барем за тоа не мора да се грижат, ние за такви работи не излегуваме масовно на улица). Секаде е „густо“, но некаде е „погусто“.

Бадијала ќе биде и Петков да дојде во Скопје со целата своја благонаклоност, и Отворен Балкан да стане поотворен и од некогашна Југославија, и ЕУ да не прими во своето друштво со голема финансиска поддршка, ако ние самите не работиме на себе. А дека не работиме, покажува и податокот што 7 години не можеме да изградиме 57 километри автопат, па колку и да бил комплициран, и што според висината на платите се уште сме на дното во Европа, а на врвот според сивата економија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот