Спаска, Митко, пописот – што го полни бугарскиот тефтер?

Колаж: „Слободен печат“

Во Бугарија расте впечатокот дека во Северна Македонија се враќаат времињата кога „заканите и насилствата врз луѓе со бугарска самосвест биле државна политика“.

Дали и какво насилство доживуваат лицата кои се изјасниле како македонски Бугари? Дали се работи за изолирани инциденти или масовна појава? Прашањата ги наметна потегот на бугарскиот претседател Румен Радев, кој веднаш по излегувањето од двонеделна изолација ги повика раководителите безбедносните служби на состанок. На средбата се разговарало за преземање навремени мерки за соодветна заштита на правата на бугарските граѓани во странство, кога тие се нападнати само поради нивната национална самосвест. Како што веќе објавија бугарските медиуми, повод било писмото на културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола испратено до бугарскиот државен врв пред една недела, за заштита на македонските Бугари, како и предлог за добивање бугарско државјанство по скратена постапка.

Не може да се најде податок дали и колку инциденти се случиле поради тоа што некој во Македонија се изјаснил како етнички Бугарин.

„МВР презема мерки за расчистувања на сите случаи, без разлика на тоа од која националност се нападнатите или напаѓачите. Законот важи еднакво за сите и се преземаат мерки за расчистување на сите пријавени случаи“, ни одговорија од Министерството за внатрешни работи.

Со тупаници во ЕУ

Бугарските медиуми зачестено информираат за такви случаи, особено по ветото со кое Софија ја почести Северна Македонија. Пред една недела весникот „24 часа“ објави дека буквално за неколку часа „се разминале” два настана во Северна Македонија, кои само на прв поглед немаат ништо заедничко: на 24.2. Бугарин од Струмица бил претепан од две маскирани лица во центарот на градот, а на 25 и 26.2. заседавала Комисијата која треба да обезбеди коректно читање на заедничката историја на двете земји.

„И додека научниците расправаат за спорните прашања, кај соседите ескалира садењето на омраза кон Бугарија и граѓаните со бугарски пасоши во Северна Македонија. Се враќаат најмрачните времиња, во коишто тупаниците, притисоците, заканите и насилствата врз луѓе со бугарска самосвест беа државна политика на соседите крај Вардар. Таа ескалација на омраза треба да престане час порано. Затоа што, браќа Македонци, со тупаници и притисок не можете да влезете во Европската унија и барем тоа требаше веќе да го разберете“, се вели во редакцискиот коментар на „24 часа“.

Во текст за инцидентот, објавена е изјава на нападнатиот Митко Георгиев, и негова претпоставка зошто се случило тоа.

„Претпоставувам дека ме следеле и откако излеговме од ресторанот, две лица ме нападнаа и почнаа да ме тепаат, мавтајќи и со оружје“, изјавил Георгиев.

Вечерта бил придружуван од двајца пријатели, од кои едниот се обидел да ги запре насилниците, но исто така бил повреден.

„Жена ми се развика и се насобраа луѓе, по што напаѓачите побегнаа. Поднесов жалба до полицијата, имам и лекарско уверение”, изјавил тој, додавајќи дека претпоставува оти тепањето е поврзано со претстојниот попис во Северна Македонија и со неговото отворено изразување на бугарска самосвест.

Весникот потсетува дека ова не е првпат Георгиев да биде нападнат. Инцидент се случил и на 21 октомври 2018 година, кога А.Б. на Георгиев му упатил навредливи зборови, поврзани со фактот дека тој отворено ја изразувал бугарската самосвест. На 23 декември 2020 година, судот го осудил А.Б. и му изрекол казна од 150 евра, а Георгиев може да бара отштета со граѓанска парница.

Од ВМРО-БНД преводена од Красимир Кракачанов изјавиле дека добиваат многу поплаки во кои се опишуваат груби повреди на правата на граѓани на Северна Македонија кои се чувствуваат Бугари.

„Ние тоа ќе ѝ го претставивме на јавноста во Бугарија и на земјите на ЕУ, како и во РСМ. Од Заев денес зависи што ќе избере. Дали слобода на самоопределување, за што самиот зборува овие денови, или тупаници за Бугарите“, коментирале од ВМРО-БНД.

Во ноември минатата година Софија од властите во Скопје побара реакција против групата на Фејсбук „Ајде да плукаме по Бугари и бугараши“ во која се пласираа навреди и говор на омраза кон Бугарите, повици за физичко насилство кон бугарофилите, за напаѓање на бугарските туристи во Македонија, а беше и објавен список за плукање по „истакнати македонски бугараши“. Групата беше избришана. Софија во два наврата реагираше и против палење на бугарското знаме, случаи по кои надлежните експресно постапија.

Некогаш и сега

„Бугарија ќе биде многу строга кога ќе станува збор за критериумите за пристапувањето на Македонија кон ЕУ. Многу строга“, предупреди бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Изјавата не е од минатата или оваа година, туку од 19 јуни 2012 година, по одлуката на Врховниот суд на Македонија за одземање на старателството на ќерката на Спаска Митрова. Тоа е уште еден познат случај, кој речиси неколку години ги носеше односите меѓу двете земји во надолна линија. Пред повеќе од десет години гевгеличанката со бугарски пасош Спаска Митрова, стана причина за големи дипломатски недоразбирања меѓу Скопје и Софија, откако беше осудена на три месеци затвор поради непочитување судска одлука да му дозволи на нејзиниот поранешен сопруг да ја посетува нивната двегодишна ќерка. Судиите ги нарече „удбаши“ и изјавуваше дека постапките против неа се предизвикани од национални и политички мотиви. За нејзиниот случај разговараа многу бугарски и македонски политичари. Во октомври 2009 година, веднаш по излегувањето од затвор, Митрова имаше средба со премиерот Бојко Борисов во Сандански. Спаска Митрова почина минатата година, а до последниот ден живеела со ќерката Сузана.

„Знам дека ништо не може да компензира за толку рано губење на човечки живот, но ве уверувам дека Бугарија ќе продолжи верно да ги брани правата на граѓаните со бугарски идентитет во Република Северна Македонија“, напиша на Фејсбук шефицата на дипломатијата, Екатерина Захариева.

Во многу од коментарите за денешните односи меѓу двете земји, се оценува дека тие наликуваат како да се враќаат во времето на „случајот Митрова“.

Додека соседите гласно дискутираат за ваквите случаи, Северна Македонија е во дефанзива. И покрај бројни примери на говор на омраза кон Македонците, кои доаѓаат од официјални лица во Бугарија, од македонска страна досега не е испратена официјална реакција до бугарските власти. Или барем јавноста не е информирана за тоа.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот