Спасиќ ќе го заверува првото место во Европа

Веројатно најуспешниот македонски кајакар во последниве сезони Љубомир Спасиќ е пред реализирање на својата неколкугодишна амбиција, да биде европски кајакар број еден во својата дисциплина. Спасиќ е моментно на врвот на Европската ранг листа во кајак на диви води, спуст и е на добар пат да се задржи таму до крајот на сезоната.
Повеќе сезони по ред Спасиќ ја истакнуваше својата амбиција, а сега дојде близу до нејзиното остварување.

Претстојниов викенд тој е на натпревар од Европскиот куп во Италија каде ќе се бори за влез во финалето. Ако тоа му појде одрака, ќе го обезбеди првото место на Европската ранг листа во кајак на диви води, спуст, за сезонава. Со тоа конечно ќе си го оствари сонот.

– В сабота и недела ми е настапот. Очекувам финале и потврдување на првото место во генерален пласман за 2019 година на Европската ранг листа во кајак на диви води во спуст – ни изјави Спасиќ.
Во досегашниот тек на сезонава Спасиќ покажа дека е во извондредна форма, бележејќи одлични резултати во етапите од Европскиот куп.

– Досега се одржаа четири кола од европските купови, односно трките во Македонија, Словенија, Германија и Шпанија. На три од овие натпревари се пласирав во финалето, а само во Шпанија не успеав да влезам во финалната трка, и тоа за една секунда – објаснува Спасиќ.

Тој викендов ќе настапи во местото Пјатеда-Валтелина на реката Ада, на северот на Италија. Тоа е претпоследен натпревар од Европскиот куп. Но тоа е натпреварот на кој Спасиќ може да го „зацементира“ првото место во генерален пласман.

– До крајот на сезоната се уште два натпревара, овој во Италија и финалето на 18 август во Чешке Буѓејовице (Чешка). Со добар пласман во Италија, или попрецизно, со пласман во финалето, ќе го обезбедам и потврдам првото место. Последниот натпревар во Чешка нема да има значење за мојот вкупен пласман – вели Спасиќ.

Ова е првпат Спасиќ да дојде само на чекор до обезбедување пласман на првото место на ранг листата на крајот на сезоната. Тој од 2015 година наваму постојано е во врвот, но, никогаш и на самиот врв. Во 2017 година беше четврти, минатата година ја заврши на шестото место.
Неколкуте години во европоскиот врв во кајак спуст не му донеле на велешанецот многу бенефити, но се надева дека тоа ќе се измени.

– Досега, искрено, овие резултати ништо не ми донеле. Но се надевам дека годинава спортските работници ќе го вреднуваат овој резултат и соодветно ќе ме наградат ако не за резултатот барем за времето и трудот – вели кајакарот, член на Арка-Борец од Велес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот