Спаси́бо Россия!

Да не се јавеше потребата да се блокира „малигното“ влијание на Москва, придружено со извозот на путинската авторитарност, Србија и денес би била фалена како земја што напредува кон ЕУ, а нејзиниот претседател и понатаму би бил „омилениот балкански автократ“

Попусти беа барањата на група европски пратеници за почнување на преговорите со Албанија и со Северна Македонија. Попусто и Србија очекуваше годинава да отвори барем едно поглавје.

И во двата случаи Бугарија се јави како кочничар на пакетот на проширувањето на Европската Унија на Западниот Балкан. Иако последиците се еднакво лоши, постои една суштинска разлика: во првата епизода на бугарското инаетење жртви се – незаслужено – Албанија, Северна Македонија и самиот процес на проширување. Во втората – во многу што заслужена – властите во Србија се казнети бидејќи се повеќе се оддалечуваат од либералните вредности на Унијата.

Новата методологија на проширувањето има пред се функција да го поврати кредибилитетот на двете страни, а ЕУ мора уверливо да одговори ако некоја земја не ги исполни своите обврски. Албанија и Северна Македонија ги исполнија. Во Србија работите не одат во тој правец. Србија на патот кон Брисел последните месеци „мирува“, како што дипломатски учтиво тоа го кажува постојаниот известувач на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик. Стагнацијата, пред сè, се однесува на хроничното одбивање реформи, кои би воделе кон воспоставување правната држава, клучната област при пристапувањето во ЕУ.

Не случајно најголемите пречки во поглавјата 23 и 24 се оние што се однесуваат на владеењето на правото. Кога би можела, власта на напредњаците би ги избришала и би ја вовела Србија во (фондовите на) ЕУ онаква каква што е сега – без владеење на правото, со собрание без опозиција која го негира плурализмот, слаби институции, контролирано судство и медиуми. Какво славје тоа би било! „Непријателите“ на Србија бараат нешто друго. Забележуваат и сѐ погласно критикуваат. Претседателот Александар Вучиќ зачудено прашува: зошто ми го прават тоа сега, кога толку се трудам да пронајдам решение за Косово?

Проаѓаат, за среќа, времињата кога Унијата се движеше по еднонасочна улица, кога само се чекаше некој пробив на косовскиот фронт, а лицемерно се затвораа очите пред порастот на авторитарноста и самоволието на претседателската власт во Србија.

Имам објаснување за тоа, кое не оди во прилог на Западот. Вашингтонските стратези и подзаспаните бриселски бирократи се тргнаа од летаргијата не зошто осознаа дека Србија гради недемократски систем, туку кога им беше јавено колкав е порастот на рускиот продор (Кина ќе пристигне подоцна).

Кремљ ги врати САД на Балканот

Спаси́бо Россия! Фала ти, Русијо! Кремљ ги врати САД на Балканот. Да не се јавеше потребата да се блокира „малигното“ влијание на Москва, придружено со извозот на путинската авторитарност, Србија и денес би била фалена како земја што напредува кон ЕУ, а нејзиниот претседател и понатаму би бил „омилениот балкански автократ“.

Србија доживеа првпат од отворањето на пристапните преговори во 2014 година, оваа година да остане без ниту едно ново поглавје што треба да го отвори. Холандија, Белгија, Германија, Шведска, Финска и Бугарија беа против.

Пораката е јасна: ЕУ повеќе нема да ги толерира недостигот на демократија, проблематичната состојба во владеењето на правото, сериозното доцнење на реформите, задушувањето на медиумите, недоволното спротивставување на корупцијата и организираниот криминал.

Властите во Белград се навикнати пред јавноста да одмавнуваат со раката и да порачуваат дека се работи за поединечни критики на европарламентарците, кои се осведочени „мразачи“ на Србија. За официјалните претставници на ЕУ приказната е поинаква. Вучиќ дава гаранции дека полноправното членство во ЕУ останува еден од клучните надворешнополитички приоритети на Србија, која е „искрено посветена на понатамошните длабоки реформи“. Тоа ќе биде императив, штом пројде пандемијата, тврди премиерката. Може во тоа да поверува Оливер Вархељ, комесарот на ЕУ за проширување и питомец на Вучиќевиот идол и творецот на нелибералната демократија, Виктор Орбан, но другите се изнаслушаа такви ветувања и чекаат уверливи и конкретни потврди на сериозни промени во српската политика и општество.

Додека Белград минатите години се фалеше со отворањето на новите поглавја, сеејќи илузија за напредок, резервоарот на трпението почна да се троши. Примерот на Никола Груевски покажа дека благиот пристап не дава резултати. Зошто да ја повторуваме истата грешка? Нема отворање нови поглавја. Србија е сѐ подалеку од нивното затворање, што е единствена права мерка дека една земја е на прав пат кон ЕУ. Европарламентарката Виола фон Крамон смета дека е „добра вест“ тоа што Советот нема да отвори ново поглавје со Србија – што напредњаците од власта го толкуваат како досега невиден испад во европскиот парламентаризам.

Владата нема многу време

Јадранка Јоксимовиќ, министерка за евроинтеграции, тврди дека Србија покажала дека учествува во сите важни политики на ЕУ. Дали учеството во тие најважни политики значи гласање во Генералното собрание на ОН против резолуцијата со која од Русија се бара да ја прекине „привремената окупација“ на Крим?

Србија, која тврди дека независноста на Косово е очигледно кршење на меѓународното право, во страв од Москва одбива истото тоа да ѝ го потврди на Украина, државата која не ја призна независноста на Косово. Така во ОН се најде во убаво друштво: Северна Кореја и Киргистан, Судан и Сирија, Куба и Венецуела.

Тоа е последниот во низата примери на драматично назадување на планот на усогласувањето на надворешната и безбедносната политика на Србија со заедничката политика на ЕУ, што е еден од предусловите за членство. Пред доаѓањето на власт на напредњаците во 2012 година, степенот на усогласеност беше на некои 90 проценти. Денес падна под 90 – најчесто поради тоа што Србија ја штити Русија.

И што сега? На Вучиќ му се стеснува маневарскиот простор. Нема решение за Косово, што е задача одамна добиена од Европејците, а нема ни реформи. Претседателот се потпира на веќе испробаната тактика: во јавноста се претставува како жртва на притисок и заговор од Западот и како единствениот што може да ја спаси Србија. Месија. Од Западот ќе побара дополнително време, а притоа ќе ја плаши со крајната националистичка десница, која да го нема него, би ја презела Србија.

Играта одамна е дешифрирана. Прашање е само колку долго ќе може Вучиќ да се вклопува во стратешкиот план на ЕУ за Западен Балкан. Владата нема многу време. Или пораките од Брисел ќе ги прифати без емоции и ќе почне да ги открива сите негативни појави или Србија ризикува да загуби 70 проценти од инвестициите што пристигнуваат од Унијата и може да се најде на погрешната страна од историјата.

Уште еднаш ѝ се заблагодарувам на Русија што навистина несакајќи, помогна Европската Унија да почне да се грижи за демократијата на Западниот Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот