Спас од задушување на критичката мисла

Се појавува некој што сака да ја задуши критичката мисла и да им го ускрати правото на пензионерите, особено на љубителите на книгата, да ја дознаат вистината?! Се прашувам дали ова е направено од незнаење, од злоба, од завист, или нешто друго, навистина не знам?!

Имајќи ги предвид негативните појави во некои здруженија на пензионери, во поранешна колумна се осврнав на однесувањето на еден претседател кој, речиси пред самата активност  – презентација на творештво во Клубот на љубители на книгата, стави забрана под изговор дека настанот се одложува од „технички причини“, иако четириесетина дена пред тоа, тој лично го одобри одржувањето. Не знам како да го наречам ваквиот однос на почитуваниот, а се ми личи на играње „дрндупка“, небаре сме ние тинејџери, а не сериозни пензионери?!

Тогаш се чудев како може вакво нешто да се случува денес во оваа наша (парламентарна) демократија, кога на сите устата ни е полна со слобода на говор, а не омраза, против која сите мора да се бориме. И, во ваква констелација на односите, се појавува некој кој сака да ја задуши критичката мисла и да им го ускрати правото на пензионерите, особено на љубителите на книгата, да ја дознаат вистината?! Се прашувам дали ова е направено од незнаење, од злоба, од завист, или нешто друго, навистина не знам?!

 

Млад кадар

 

Но, кој е тој толку моќен да прави така како сам што сака?! Станува збор за мошне „искусен и мудар човек“ – да не бил таков, сигурно толку долго – с(т)о години, не би можел да раководи и да извршува други високи функции во матичното, градското и сојузното здружение. Оваа  констатација, всушност е спротивна на неговите определби, бидејќи тој е еден од поддржувачите (ако не и учесник) во донесувањето „Насоки“ од страна на Сојузот на пензионерите во кои, покрај другото, децидно беше утврдено дека во СЗПМ и во здруженијата на пензионери, поради поголема вклученост во управувањето, не смее да има кумулација на функциите во едно лице?! За чудење е пак, зошто во насоките не станува збор за ограничување и на мандатите?! Да се здрави и живи некои персони си тераат по три, четири, пет и шест мандати и така доживотно ќе си тераат?! Кој знае, можеби е ваква состојбата поради „недостиг“ на помлад интелектуален кадар меѓу пензионерите?!

Ако се анализираат состојбите и постапките, може да се утврди дека не се почитуваат насоките на СЗПМ, првенствено од самиот Сојуз, а камоли од здруженијата, особено од носителот на забраната за кого зборуваме. Всушност, ваквите препораки веќе никој не ги спомнува ниту пак спроведува?! Не сум сигурен, но претпоставувам дека се ставени ад акта. Значи едно кажуваме, за друго се залагаме, а трето правиме. Суштината е во тоа што нема суштина, а ако нешто знаеме од педагогија, веднаш ќе разбереме дека ова што се говори и што се прави е чиста демагогија. На ова многумина пензионери наседнуваат, ама брзо се освестуваат и прашуваат како и каде се троши нивната членарина?!

Се направив да не ги разбирам овие работи, како и заднината на наративот во одлуката за „техничките причини“ за одложување (забрана) на промоцијата на книгата, па напишав барање за одржување на презентација на моето творештво, бидејќи „увидов“ дека Клубот почна нормално да работи. Презафатен со функциите, а верувам и со мислата за доживотен мандат, „лидерот“ од нашата приказна свикува седница на ИО и со „едногласна “согласност на сите, „ми држи лекција“ и ми „докажува“ зошто  „се одбива барањето… односно не се прифаќа презентација на неговото (моето) творештво?!“ Цитирам: „1 – книгата ‘Што ни се случува’ е збир колумни кои излегуваа во дневниот весник ‘Слободен печат’, со навредливи содржини за здруженија на пензионери и личности, особено од поранешниот состав на СЗПМ (од деда Новета – моја забелешка), а и за некои од сегашниот состав, кои се лични ставови на барателот и неприфатливи за Здружението; и 2 – таквите содржини и ставови на барателот се спротивни на програмските и статутарни определби на Здружението и на Клубот на љубители на книгата“.

 

Сам не можам

 

Не велам дека не ја прочитал книгата и не сакам да ја ставам на вага интелигенцијата на носителот на ваквиот опис на истата, која официјално беше високо оценета и рангирана од еминентни и компетентни познавачи на пишаниот збор, туку сакам да ја потенцирам неукоста и смелоста да се впушта во ваква просуда на нему непознатото од пуста желба и страв да не се разоткрие вистината и да не се изгуби „чекмеџето“?!

За волја на вистината, книгата „Што ни се случува?!“ има соодветна критика и укажувања на некои слабости и недостатоци во раководењето од поранешната гарнитура „лидери“ во Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, но не и на оваа од матичното здружение, при кое работи и Клубот на љубители на книгата, каде што требаше да се промовира не ова дело, туку моето творештво?! Ама, кога некој не чита, не разбира или не сака да слуша што му се кажува, никој не може со инка тоа да му го става во разумот?! Затоа се откажав од вербалното кажување и докажување, а за да ја спасам критичката мисла од задушување, седнав и вака напишав:

Сакам да ги растерам мислите и да не мислам, сакам да ги затворам очите и да не гледам, сакам да не го гледам паѓањето и распаѓањето, сакам да побегнам за да не помогнам, сакам, ама не можам?! Сакам да го запрам невремето, сакам да го осветлам подземјето, сакам на крстопат да застанам, сакам на правиот пат да останам, сакам кон обнова да го насочам одењето, сакам спас да најдам за делењето, сакам, ама не можам?!

Туку, зошто да молчам и да не кажувам, зошто со друго да се залажувам?! Зошто? Па, затоа што сам не можам!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот