Спас од Владата бараат и фризери, столари, леблебиџии…

Загрозени се повеќе од 9.000 работни места

Фризери, козметичари, вратари, бравари, градежници, столари, цвеќари, пекари, слаткари, леблебиџии, чевлари и други занаетчии се силно погодени од здравствената криза. Некои целосно ги затворија дуќаните, а кај други и покрај тоа што го оставија вратите отворени, муштерии нема.

Занаетчиите бараат мерките за поддршка на бизнис-секторот да важат и за нив и алармираат дека досега неколкупати излегле со барања, но дека никој не им одговорил.

– Кризата во овој сектор се чувствува од првиот ден. Без помош од државата поради намалената побарувачка на услугите поради пандемијата, се доведува во прашање опстојувањето на бизнисите и работните места на 5.800 занаетчии и 3.300 други вработени во оваа дејност – вели  претседателот на Занаетчиската комора на Скопје, Никола Петров.

Комората бара мерката субвенционирање на плати да се однесува и на нив. Тие бараат и ослободувањето од аконтација на данок на личен доход додека трае пандемијата и тоа да се однесува и за оние што плаќаат паушал по решение од Управата за јавни приходи, како и оние што плаќаат данок од реално остварен приход. Занаетчиите бараат да се најде можност и тие да  аплицираат за кредити преку Развојната банка, а тие што ќе бидат во самоизолација, да се третираат како болни и трошокот да биде на товар на Фондот за здравство.

– Владата за погодените сектори најави мерка субвенционирање на минималната плата, со тоа што придонесите би паднале на товар на работодавачите. Но, ако оваа мерка се примени кај самовработените занаетчии, тие ништо не добиваат.  Се субвенционираат платите, а би требало да се земе предвид дека ако се самовработени лица, немаат обврска да исплаќаат плата за себе туку да плаќаат придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонес за задолжително здравствено осигурување и дополнителен придонес за задолжително осигурување. Тоа значи дека 5.800 занаетчии нема да бидат субвенционирани ниту со плата ниту со придонеси – укажа Петров.

Доколку со мерката за субвенционирање плати не се опфатат занаетчиите за време на кризниот период, предупредува Петров, постои голема можност за затворање на бизнисите и отпуштање на вработените.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот