Спас од бугарското вето само во булдожер дипломатијата од САД

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи Габриел Ескобар / Фото: Фејсбук, Радмила Шекеринска

Само и единствено директен и жесток притисок од високата американска надворешна дипломатија, може да ги откочи европристапните преговори со Македонија и да ја натера Бугарија да ретерира, сметаат македонски аналитичари, откако во бугарската јавност сè почесто се зборува за активирањето на американската и европска дипломатија во правец на тргање на бугарското вето.

Со наслов „САД ја малтретира Бугарија поради Македонија“, бугарскиот весник „Блиц“, како и десетина медиуми и портали, објавија статии во кои не се крие незадоволството од политичкото „самоубиство“ на официјална Софија. „Блиц“ ги цитираат главните поенти на американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи Габриел Ескобар за Радио Слободна Европа, кој вели дека прашањето со Бугарија не треба да го блокира членството на Македонија во ЕУ, при што продолжува со многу прецизна и искрена експликација на моменталната лимбо-ситуација, поради крајно неразумното условување од страна на Бугарија, непознато во модерниот свет и додава:

– Ние би сакале да се одржи меѓувладината конференција и за Македонија и за Албанија во исто време – оваа година, доколку е можно. Го изработија потребното. Ги направија неопходните реформи. И тие го заслужија тоа. Значи, ако не оваа година, тогаш на почетокот на следната година. Погрешно е Бугарија да користи билатерален спор за да ги запре аспирациите на Македонија кон ЕУ. Тие (Бугарите, н.з.) го претвораат во мултилатерално прашање што нè засега сите нас“.

Политикологот Благојче Атанасоски смета дека „само и единствено, директен и жесток притисок од високата американска надворешна дипломатија, може да ги откочи нашите европристапни преговори и да ја натера Бугарија да ретерира“.

– Тоа не значи дека апсурдните  барања кон нас од официјална Софија ќе престанат, туку дека наметнатиот спор ќе се стави во временска рамка, со предвидени одредници кои како обврска ќе ги преземат двете засегнати страни – изјави Атанасоски за „Слободен печат“.

Тој нагласи дека официјален Вашингтон е позаинтересиран за европската иднина на Македонија и регионот, од официјален Брисел и Берлин.

– Тоа ме радува донекаде, бидејќи Американците секогаш го остваруваат тоа што го зацртале, а тоа е заокружување на целосната западна безбедносна архитектура на овој дел од европскиот континент преку прием на преостанатите западнобалкански земји во ЕУ – вели Атанасовски.

Кога станува збор за притисок за решавање проблем на Балканот, без разлика кои земји се во ЕУ, а кои не, оваа работа најдобро ја прават САД, смета Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет.

– Ова го докажува и искуството од поновата историја, како што е проблемот со Косово, конфликтот во Македонија итн., Американците се поефикасни во оваа дипломатија, понекогаш мора да се изврши притисок. Американската администрација на Бајден сега е стабилна во однос на персоналот. Изјавите на Ескобар за овој регион како претставник на САД започнаа, значи дека започна најголемиот интерес на Американците да се реши овој проблем. Од друга страна, во ЕУ оваа работа не е практична, бидејќи сепак е унија на земји кои имаат различни пристапи и односи меѓу секоја земја посебно. Ако Американците ја преземат улогата, оптимист сум дека наскоро ќе ја убедат, да не речам дека ќе ја принудат со малку поефикасна дипломатија, Бугарија да се откаже од своите апсурдни барања (идентитет и јазик) – вели Рамадани.

Поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски смета дека факт е оти непринципиелниот настап на соседна Бугарија, по нивната Парламентарна декларација и Меморандумот испратен до сите членки на ЕУ, ја затече не само ЕУ туку и САД.

– Упорноста на Бугарија во барање невозможни исполнувања и услови кон Македонија беше од многу страни примена со изненадување и обидот да се фокусира прашањето како билатерално, кое ќе се решава во од, не успеа. Бугарија, економијата и финансиските работи беа  под мониторинг на повеќе ЕУ механизми и особено на САД кои се во последно време засилени и доста конкретни. Квалификацијата на бугарските медиуми дека наводно САД ја малтретира Бугарија поради Македонија, е подготвителен маневар во предизборниот период. Се остава простор агресивните бугарски услови да се решаваат со помош или со т.н. „добри услуги“ од трета страна, можеби токму на американската дипломатија, која има специјални методи за такви и слични конфликти – вели амбасадорот Арсовски.

Сега Брисел полага надеж во самитот на ЕУ во Брдо кај Крањ, во Словенија на 6 октомври. Европски дипломати брифираат за МИА дека сериозно се работи да се постигне напредок за време на Словенечкото претседателство и да се отвори патот за Меѓувладина конференција во наредните месеци.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот