Спарс очекува силен отпор од „штрковите”

МЗТ Скопје Аеродром денеска во Сараево (20 ч) започнува борбата за титулата во АБА 2 лигата. Во првиот меч од полуфиналето на плејофот МЗТ Скопје игра против Спарс од Сараево, тим што штрковите двапати го совладаа во регуларниот дел од сезоната, на гости и дома. Полуфиналето во плејофот се игра во две добиени по системот 1-1-1.

Спарс е тим без подолга традиција, постои од 2005 година. Но, регуларниот дел од сезоната во АБА 2 лигата го завршија на второто место на табелата, едно место погоре од МЗТ. Во лигата на БиХ, Спарс се веднаш под првопласираниот Широки со само една победа помалку.

Тренерот на Спарс Марко Трбиќ е сигурен дека ќе има неизвесност во дуелите со МЗТ Скопје што следуваат. Вториот се игра во Скопје (24 март), а евентуалната мајсторка повторно во Сараево (28 март). Тоа е најголемата предност на противникот на македонскиот клуб во овој полуфинална серија.

– МЗТ Скопје го респектираме многу и очекуваме во дуелите кои следуваат максимална борбеност и неизвесност. Знаеме дека МЗТ е тим што цела сезона игра добро и ќе мораме да вложиме максимум ако сакаме да ги совладаме и да влеземе во финалето – вели Трбиќ. Секако дека ќе има голема борбеност затоа што двата тима се надеваат да изборат влез во финалето. Шампионот во АБА 2 лигата влегува директно во првата дивизија односно во АБА лигата. Вицепрвакот од АБА 2 ќе игра дуели за влез во највисокото друштво со претпоследно пласираниот во АБА лигата односно со Задар.

Овој дуел ќе биде судир на два дијаметрално спротивни концепта на игра. МЗТ Скопје е најдобриот офанзивен тим во АБА 2 лигата, со постигнати 86,32 поена по меч, од 22 кола. Спарс се потпира повеќе на одбраната и е последен односно 12. со 74,59 постигнати поени по меч. Ефикасноста на МЗТ е 48,11 отсто по меч што е доволно за четвртото место, а Спарс се претпоследни со 43,92 отсто ефикасност од игра.

Но, Спарс се први во категоријата дефанзивни скокови (26,05), а трети во офанзивни скокови (9,45). МЗТ во одбрана имаат 23,64 по меч и се на петтото место а во напад просекот им е 8,77 по меч, повторно на петтото место.

– Очекувам добар и интересен натпревар против МЗТ. За несреќа, добро ги познаваме, изгубивме од нив во Сараево во првиот меч од регуларниот дел – изјави Ибрахим Дурмо капитен на тимот.

Вториот полуфинален дуел во АБА 2 лигата е Приморска од Копар, Словенија, против Борац од Чачак, Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот