Создава бајковити куќички на дрво: Душан Заевски – Македонецот за кој слушна и „National Geographic“

Фото: Приватна архива

Тој е самоук, односно неговото образование воопшто не е поврзано со ова што денес го работи. Дознаваме како Душан Заевски почнал со изработка на овие фантастични куќички во кои ќе се вљубите уште на прв поглед.

Секој од нас во детството посакал да има своја куќичка на дрво. Но ретко кој ја имал можноста да ужива во таа магија. Сите сме фантазирале за прибежиште високо во крошните на дрвјата, мал простор само за нас. Совршени места создадени да ве одморат од секојдневниот живот, да ве поврзат со природата и да го разбудат детето во нас.

Трагајќи по нови и млади луѓе чија што работа докажува дека и кај нас има таленти со кои треба да се гордееме и во кои треба да се инвестира, стигнавме до Душан Заевски – скопјанец кој, верували или не, гради куќички на дрво, а и самиот живее со семејството на таква.

– Ова е веќе 6та година како се занимавам со оваа професија, си играм со изработка на куќарки на дрво. Се започна со сон на едно дете кое никогаш не престана да си игра и така дојде моментот да одлучам дека ова е тоа што сакам да го правам – вели Душан и продолжува:

– Имав прилика во 2011та да отидам во Германија и да работам интересни проекти каде што имав „одврзани“ раце и да се испробам и самиот себе и така тргна сè. Приказнава со куќичките се случи некаде пред четири години, барав, истражував, се споив со некои луѓе, а еден од нив беше Мајкл Марфи од „Barefoot Treehouses“. Тој е дел од „Treehouse Masters“, емисија што се емитува на Animal Planet и која е многу популарна, а имав можност да контактирам и со некои други луѓе од продукцијата кои ми дадоа многу добри совети и најмногу ме охрабрија во целава приказна. Додека сите ме правеа откачен и луд, добив многу голема поддршка и знаење од нив.

Изградбата на неговата куќичка траела околу шест месеци, 4,5 месеци активно, бидејќи е на голема висина, а нема струја, немало никакви услови. Користел рачен алат, а таа тежи 4, 5 тона и сето тоа требало да се постави на дрво.

– Процесот за нормална куќичка е околу два месеци. Во однос на поставувањето на куќарката, правев сè рачно, сам, а теренот не беше многу достапен, условите такви какви што се, мораше така да се работи. Користевме појаси за качување, соодветна опрема и успеавме да изгледа така како што изгледа сега.

Темпото и начинот на изработка на секоја нова куќичка е различен, затоа што се работи на живи темели, на дрво, не на бетонски, се гради на различни дрвја, зависи и на поставеноста на дрвјата.

– Може да користиме сè, бор, чам, орев, багрем, даб, бука, но сепак зависи од буџетот кој можеме да си го дозволиме. Не правам скици и цртежи, оставам да се гради како што испланирале дрвјата.  – вели Душан.

Изградбата ја доживува како начин на живот и продолжување на детството и покрај годините.

– Мојата прва изработена куќарка е мојата куќа која се наоѓа во Ранковци, на моја дедовина каде имаше стар даб, можеби постар од 200 години. Екстремно е висока, платформата почнува на околу 8 метри, нема скали туку се качуваме по самите гранки, дрвото е питомо. Доста научив додека ја градев неа.

Душан наоѓа начин мирната и кротка природа да ја претвори во совршени засолништа и приватни оази за оние кои повторно сакаат да се поврзат со природата…

Целиот текст прочитајте го ТУКА.
Извор: Еспресо.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот