Современа словачка уметност ќе биде претставена со изложбата „Траги од два света“ во галеријата на ФЛУ
Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (Булевар „8-ми Септември“ бр.10, 1000 Скопје) на 15 август, во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Траги од два света“ (хартија – цртеж – графика и нејзините преклопувања).
Изложбата „Траги од два света“ претставува ексклузивна колекција на дела од современи словачки уметници, со фокус на цртежот и графиката и нивните преклопувања со други уметнички дисциплини. Оваа изложба е дел од проектот „Словачки уметнички патишта 2024“, кој има за цел да ја претстави словачката визуелна уметност на меѓународната сцена и да ги поврзе уметниците со меѓународни мрежи.
Изложбата промовира меѓукултурна соработка и поттикнува дискусии за важни социјални и еколошки прашања, а посетителите ќе имаат можност да ги откријат динамичните и иновативни пристапи на словачките уметници кон современата визуелна уметност.
Куратори на проектот се Бранискав Зурко и Адам Мачко, продуцент е „pointA o.z. Slovakia“, а копродукцијата е на ФЛУ при УКИМ – Скопје. Партнери на проектот се Галерија „Кониарен“, Словачкото здружение за уметност и култура, Академијата на уметности во Банска Бистрица од Словачка. Проектот е поддржан со јавни средства од Словачкиот уметнички совет како главен партнер.
На изложбата се претставени дела на повеќе автори, како Игор Бенча, Луција Фабова, Марек Халаш, Адам Мачко, Роберт Макар, Матуш Мататко, Ева Мофларова, Јулијана Мрвова, Станислав Пјатрик, Владимира Вајс Савканичова, Дениса Славковска, Патрик Шевчик, Петер Валиска-Тимечко, Владимир Вајс.
Проектот се фокусира на пресеците на визуелната уметност и партиципативните форми, презентирајќи дела кои ја истражуваат потрагата по универзални средства за изразување и општествените вредности, каде што медиумот е носител на идеалите. Алтернативните толкувања на реалноста влијаат врз општествениот дискурс и често го поларизираат општеството. Во овој контекст, уметноста како хуманистички апарат служи како средство кое може да промовира дијалог и соработка, надминувајќи ги разликите и бариерите меѓу луѓето.
Избраните дела за последниот период (2022-2024) првенствено се фокусираат на стратегиите за графика (сериграфија, дигитален печат, оригинални отпечатоци, мешани медиуми и оригинални принципи на цртање) главно на хартија, но и на платно, што претставува пресек на генерации, при што овде најзастапена е средната генерација уметници.
Проектот е поделен на три дела: колективна изложба со наслов „Траги од два света“, перформанси со наслов „Матрицата како ринг“ и „Корео_графика“ и придружни настани (презентации, предавања, тури со водич, разговори со уметници и работилници), што ќе се одржат на 15 и 16 август, а изложбата ќе биде поставена до 30 септември оваа година.
Колективната изложба „Траги од два света“ нуди можност за меѓународна презентација на словачките визуелни уметности. Промовира меѓукултурна соработка и стимулира дискусии за важни социјални и еколошки прашања. На овој начин, таа се стреми не само да развие уметнички авторски програми, туку и да придонесе за решавање на глобалните предизвици преку уметноста.
Изложените дела одразуваат различни аспекти на современиот живот, фокусирајќи се на интердисциплинарни прашања и социјалните или активистичките димензии на индивидуалното сведочење. Изложбата содржи дела во голем формат, како и во помали димензии.
Перформансите на Станислав Пјатрик и Петер Валиска-Тимечко се однесуваат на меѓусебен дијалог и имагинарен дуел на „два света“, при што уметниците си ги сечат сенките со моторна пила и создаваат матрица од големи размери, која потоа ја печатат директно пред публиката. Овој перформанс, како и перформативната акција „Корео_графика“ на Валиска-Тимечко во соработка со Томаш Савканич, може да се опишат како акциски манифестации на графика што покренуваат нови прашања во контекст на современата уметност.