Современа култура и културни политики: „Локомотива“ создава архива на рефлексии

Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ ја прошири програмата „Современа култура и културни политики“ за 2020 година и во неа вклучи размислувања и рефлексии за променливите услови предизвикани од моменталната состојба на пандемија со коронавирусот.

Со хаштагот „#АрхиваНаРефлексии“ е означен сегментот во кој секој работен ден, почнувајќи од 27 мај, на Јутјуб-каналот на „Локомотива“ се објавуваат снимени видеоинтервјуа на 30-ина културни работници, уметници, критичари и активисти на граѓанското општество од земјава и од странство.

– Во овие непредвидливи времиња и веќе соочени со нашата кревка позиција во општеството, имаме итна потреба од рефлексија со нашите колеги, партнери и пријатели. Ситуацијата со коронавирусот влијаеше на нашите програми, на условите за работа, на меѓународните соработки, на уметничката продукција, на создавањето и ширењето на знаењата итн.

Затоа решивме да создадеме архива на размислувања за сегашните и претстојните социо-политички и економски влијанија врз уметноста и културата во општествата како нашето, кои имаат многу кревки услови за работа на културните работници и уметници, како и во општествата со поорганизиран систем на поддршка на културната продукција. Сметаме дека оваа архива на рефлексии е обид за создавање нов јавен простор, бидејќи веќе постојниот е одземен од вирусот – велат од „Локомотива“.

Прашањата на кои зборуваат учесниците во проектот се однесуваат на културата на солидарност, создавање и ширење на знаењата во овие времиња, нови модели на поддршка на современата продукција и мерките за надминување на несигурната прекаријатна позиција на уметниците и културните работници.

Програмски уредници на активноста „#АрхиваНаРефлексии“ се Биљана Тануровска Ќулавковски и Виолета Качакова, а координатор е Зорица Зафировска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 33, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот