Советот треба да „пресече“: Арсовска предлага граѓаните и таксистите да добиваат по 200 000 денари за купување хибридно или електрично возило

Градските советници на седницата на Советот закажана за в четврток треба да решат дали ќе дадат зелено светло на предлозите на градоначалничката Данела Арсовска за субвенционирање на граѓаните и таксистите што ќе купат хибридно или електрично возило.

Според предлог-одлуката за определување на износот за субвенционирање, доставена до Советот, субвенцијата за граѓаните за купено ново еко – возило на хибриден или електричен погон се утврдува во износ од 200.000 денари со вклучен данок на личен доход. Во Буџетот на Град Скопје за годинава за оваа намена се предвидени 5 милиони денари, што е сума доволна за субвенционирање на 25 возила. Притоа, доколку одлуката се усвои, конкретните услови, начинот и постапката за доделување субвенција на скопјани ќе ги пропише градоначалничката.

 Според податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање емисијата на загадувачки супстанци во воздухот потекнува од речиси сите економски и социјални човекови активности, а сообраќајот продолжува да биде значаен извор на емисија на високи количества загадувачки супстанци. Значаен удел во загадувањето има согорувањето на горивата во моторните возила. Согорувањето на фосилните и биогоривата кај моторните возила исто така го намалуваат квалитетот на амбиентниот воздух бидејки дополнително емитираат и ПМ честички кои достигнуваат високи концентрации во градот Скопје. Со донесувањето на предложената одлука, Советот на Градот Скопје во рамките на своите законски надлежности придонесува кон подобрување на превозот со што се намалуваат емисиите на штетните честички во воздухот и се унапредува животната средина со што ке имаме почисто и модерно Скопје – се наведува во образложението на предлогот.

Градот предвидува субвенции и за такси – компаниите, при што износот на надоместот за купен автомобил на еколошки погон во 2023 година е 200.000 денари по возило, но не може да се добие за повеќе од пет возила по правно лице. Условите и критериумите и во овој случај би ги пропишала градоначалничката, а субвенциите би се исплаќале додека не се исцрпат средствата предвидени за таа намена.

Предлагачот смета дека доколку се усвои ваква одлука ќе се влијае врз одржлив урбан транспорт заради заштита на квалитетот на амбиенталниот воздух и ќе се придонесе кон подобрување на авто-такси превозот во Скопје.

Колку за потсетување, Владата уште на крајот на 2018 година најави воведување субвенции за набавка на електрични и хибридни возила, како една од мерките во транспортот за намалување на загадувањето на воздухот, но тоа до денеска не е реализирано. Пари за ваков вид субвенции не се предвидени ниту во државниот буџет за 2023 година.

Во повеќе европски земји пак, постојат поволности и финансиски ослободувања со кои се стимулираат граѓаните да купуваат еколошки возила, чија масовна употреба позитивно би влијаела на животната средина.

Дали советниците ќе ја препознаат користа од воведувањето на ваквиот начин на субвенционирање и дали ќе го подржат предлогот на Арсовска, ќе се знае во четврток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот