Советот на Скопје ќе решава за списокот со имиња, опозицијата веќе рече – не!

Денеска Советот на Град Скопје треба да расправа за предлогот за дополнување на листата на имиња на улици, плоштади и мостови на подрачјето на град Скопје. Веќе е познато дека се предложени 570 нови и стари имиња на значајни личности, места, настани и поими, кои во иднина треба да се користат за именување на улици и други инфраструктурни објекти во градот.

– Надополнувањето на базата од која може да се одбира за назначување улици, плоштади, мостови и друго е важно, пред сѐ, заради сеопфатноста на процесот, во кој беа вклучени и граѓаните преку анкета во 2018 година, и заради опфаќање имиња што се значајни за Скопје, а не биле во тој список или биле избришани во претходни постапки. Гласањето од страна на Советот на Град Скопје е уште еден чекор во целокупната процедура, а овој список понатаму треба да биде изгласан и од Владата – објаснуваат од Град Скопје.

Од предложената листа, која во изминатите денови предизвика многу позитивни и негативни реакции во јавноста, надлежната комисија неодамна го повлече името на Али-паша Јанински по реакцијата на една од заедниците во државата. Целта било, како што беше наведено во соопштението, никој во градот да не се чувствува засегнат или навреден од именувањето на улица или инфраструктурен објект.

Останува да се види дали градскиот совет денеска ќе направи и дополнителни измени во предложеното дополнување на листата и дали таа ќе добие „зелено светло“ од советниците. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе соопшти дека не се согласува и ги отфрла предлозите за нови имиња на улици на Градот Скопје и нема да гласа да го поддржи менувањето на имињата на скопските улици.

На предложениот список можат да се видат имиња на повеќе македонски актери, писатели, уметници, историски личности, градоначалници на Скопје, спортски и значајни личности на светско ниво. Предложени се имињата на македонските музички групи „Бис Без“, „Леб и сол“, „Лева патика“, но и на „Квин“ и на Дејвид Боуви и Френк Запа. На списокот се и имињата на култниот скопски кројач Ангелковски и на новинарите Никола Младенов и Верољуб Андоновски. Предложено е и Градскиот парк да добие свое име, да се вика „Безвременски“, како симбол на тоа дека постоел за многу минати генерации, но и дека идните ќе уживаат во прошетки низ него.

Доколку Советот на Град Скопје ги усвои дополнувањата, тогаш на култните скопски улици, чии имиња и покрај противењето на жителите беа променети во времето на претходната градска власт, повторно ќе се им вратат старите имиња кои се дел од колективната меморија на скопјани –  Бихаќка, Водњанска, Железничка, Каирска, Ленинова, Првомајска, Иво Лола Рибар, 4 Јули, 29 Ноември и други. Според градоначалникот Петре Шилегов, тоа би било реализација на едно од неговите предизборни ветувања дадени до граѓаните.

Освен за предложената предлог-листа, Советот на Град Скопје денеска ќе расправа и за извештајот за извршување на буџетот за минатата година.

– Според извештајот, во 2020 година, остварените вкупни приходи од 6.044.759.756,00 денари се поклопуваат во 76,7отсто со планираните. Додека расходите од 5.902.865.372,00 денари соодветствуваат со 74,9 отсто на планираните расходи. Споредено со претходната 2019 година, остварувањето на приходите во вкупниот буџет на Град Скопје во 2020 бележи намалување од 10.6 отсто додека пак извршувањето на расходите, следејќи ја динамиката на реализација на планираните проекти, бележи зголемување од 10,4 отсто – информираат од Градот.

Пред советниците на оваа седница е и стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје 2021 – 2015, за која од Градот велат дека е во континуитет на претходно сработеното и на соодветните стратегии – првата имплементирана во 2013-2017 година. Станува збор за стратешки документ со кој треба да се унапредат еднаквите можности на жените и на мажите во севкупното општествено живеење во градот, кој треба да биде лидер и пример за општините во промоција и унапредување на родовата рамноправност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот