На вчерашната 59-та седница, покрај останатите точки на дневниот ред на Советот на Општина Центар, беше и изборот на нов командир на Полициската станица од општа надлежност „Центар”. Советниците имаа можност да бираат меѓу тројца кандидати, по предлог на Министерството за внатрешни работи (МВР), а изборот падна на Љупчо Ѓурчиновски, дипломец на Факултетот за безбедност и полицаец со стаж повеќе од 21 година, соопшти Општина Центар.
Ѓурчиновски доаѓа на местото на досегашниот командир на ПС „Центар”, Милисав Милијевиќ, долгогодишен полициски службеник и последен командир на полициската станица во Центар.
– За командир на Полициска станица од општа надлежност согласно членот 24 од Законот за полиција, може да биде избрано лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос во полицијата предвидени со овој закон, треба да има завршено соодветно високо образование и да има работно искуство во Полиција од најмалку шест години, наведуваат од Општината.