Советот на министри на ЕУ на 19 ноември ќе одржи состанок за прошриување на агендата

Проширувањето на Унијата ќе биде формално на агендата на средбата на министрите за надворешни и европски работи на ЕУ, што ќе се одржи на 19 ноември во Брисел, потврдуваат за МИА од Европскиот совет.

Министрите на земјите членки на ЕУ поддржувачи на проширувањето инсистирале да биде вратена темата на агенда што поскоро, но не треба да се очекуваат никакви заклучоци. Министрите ќе разговараат за состојбата во која се наоѓа прашањето во овој момент, а дипломатски извори за МИА додаваат дека очекуваат Франција да поднесе подетални барања за предлозите за реформа на методологијата на процесот на проширување.

Проширувањето и блокадата на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија биле тема на дискусија на вчерашниот неформален амбасадорски состанок во Брисел.

Дипломатите ова го толкуваат како обид да се одржи во живот темата за проширувањето на ЕУ и политички сигнал дека ЕУ не се откажува од оваа политика.

Северна Македонија беше блокирана на последниот Европскиот Совет од страна на Франција, додека на отпочнувањето на пристапните преговори со Албанија се спротивставија и Холандија и Данска.

Франција бара да се реформира процесот на преговори и неговата методологија, но за сега Париз не поднел конкретни предлози за оваа реформа.

Српската државна телевизија РТС, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, јави дека Франција ќе ги претстави предлозите за реформа на процесот на проширување на ЕУ на следната средба на Советот на министри за општи работи на Унијата, што ќе се одржи на 19 ноември.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, српската државна телевизија наведува дека неколку земји членки, меѓу кои и Италија, Полска, Австрија и Чешка, побарале дебатата за проширување да продолжи на следниот министерски состанок, со цел „да се изнајде пат за излез од сегашната блокада и да се покаже дека ЕУ не им го свртела грбот на земјите од регионот” по негативната одлука минатиот месец.

Според телевизијата, меѓу земјите членки постои договор дека разговорите треба да продолжат, но Франција побарала тие да бидат добро подготвени „за да се избегне повторување на познатите ставови и создавање на нереални очекувања, бидејќи состанокот на 19 ноември нема да биде за започнување на преговори, туку за подготовка на дебата и евентуални одлуки за пролетта 2020 година”.

Франција најави дека ќе даде свои предлози за реформа на процесот на проширување, кога оваа тема формално ќе биде на дневниот ред на следната седница на Советот на министри.

Според досегашните неофицијални најави кои доаѓаат од Париз, францускиот предлог значи дека земјите кандидатки би можеле побрзо да ги користат придобивките на ЕУ во некои области каде што напредуваат, без да го чекаат полноправното членство, пренесува РТС, нагласувајќи дека од друга страна процесот би бил реверзибилен, односно земја кандидат би можела да изгуби некои бенефиции ако ја промени политиката или почне да назадува.

– Неуспехот да се донесе конкретна одлука на Самитот на ЕУ во октомври, создаде застој кој ризикува да го блокира не само започнувањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, туку и политиката на проширување на ЕУ во целина, наведуваат европски дипломатски извори, проценувајќи дека состанокот на 19 ноември треба да утврди некој вид патоказ за излез од оваа ситуација.

Една од опциите што земјите членки на ЕУ ќе ја разгледаат е да побараат од Европската комисија извештај за тоа како да се подобри методологијата на процесот на проширување, кој Комисијата ќе го поднесе на почетокот на следната година.

Покрај тоа, земјите членки треба да одлучат дали ќе побараат од Комисијата нов извештај за состојбата со реформите во Албанија и Северна Македонија, како предуслов за дебата за започнување преговори, што најверојатно ќе се одржи на Самитот на ЕУ во март следната година.

Самитот на ЕУ во март е логичен момент за нова дебата на оваа тема, со оглед на донесената одлука дека европските лидери ќе се навратат на ова прашање „пред самитот во Загреб во мај 2020 година”.

– Сепак, клучното прашање е кои се условите што ќе и овозможат на Франција да ја смени својата позиција до тогаш, оценуваат за РТС извори во Брисел.

Неизвесно е дали државите членки кои се наклонети кон проширување на Балканот би се согласиле со идејата дека ревизијата на пристапниот процес ќе биде предуслов за отворање на преговори со Скопје и Тирана или ќе се инсистира на обратен редослед на потезите.

Извори во Советот на ЕУ не ја исклучуваат можноста за реформите во процесот на проширување да се дискутира и на ниво на лидерите на Самитот на ЕУ кон средината на декември во Брисел

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот