Советот на Град Скопје не го прифати извештајот за работа на ниту едно јавно претпријатие

Седница на Советот на Град Скопје / фото: Град Скопје/принтскрин

Ниту еден од извештаите за работа на јавните претпријатија во периодот од јануари до септември 2021 година, не беше прифатен на денешната седница на Советот на Град Скопје, која за првпат се пренесуваше во живо.

Советниците од ВМРО и коалицијата на говорницата изнесоа низа забелешки за прикажаното во извештаите, но и за тоа што на седницата не беа присутни дел од директорите на претпријатијата за да дадат објаснување за забелешките.

Во однос на извештајот на ЈП „Водовод и канализација“ советникот Луке Галевски рече дека се значајно зголемени трошоците за репрезентација во однос на истиот период во 2020 година, односно, како што рече, за кафани се потрошени еден милион и 68 илјади денари, а пари се трошеле и за набавка на скапи телефони, само за три телефони 3000 евра. Во забелешките го дополни сопартиецот Стефан Андоновски кои истакна дека во извештајот нема никаква информација за централната пречистителна станица, а за истражување и развој се прикажани само 20.000 денари.

За извештајот на „Улици и патишта“ пак, координаторката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Марија Андоновска рече дека во него има низа недоречености и отворени прашања. Таа праша зошто претпријатието изнајмувало надворешна служба за бележење улици, но и за тоа зошто солта за зимската служба се чува на отворено, а не соодветно складирана?

Горан Симоновски, директор нa „Улици и патишта“, објасни дека во нивното претпријатие има само седум вработени кои работат на обележување на улици и дека било неопходно да се ангажира надворешна фирма затоа што биле отворени многу улици кои морале да бидат обележени.

Големи забелешки имаше на досегашната работа на јавните претпријатија „Лајка“ и „Дрисла“. За првото, беше нагласено, доказ е тоа што не е намален бројот на бездомни кучиња во Скопје, а според извештајот од „Дрисла“, како што беше речено – „се трошело како да нема утре“.

Советничката Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ изрази голема благодарност што конечно на чело на „Лајка“ застанува човек активист, поддржан од сите здруженија за заштита на животните, кој знае како на хуман начин да го реши проблемот со уличните кучиња.

– Во моментов во ЈП „Лајка“ се спроведува ревизија, чекаме да заврши, да видиме какви насоки ќе добиеме за по нив да постапиме. За еден ден успеавме да вдомиме 12 кучиња и обезбедивме преку донации кревети и други потребни работи за кучињата – рече новиот в.д. директор на „Лајка„ Воислав Димитровски.

Тој се заблагодари на довербата, но немаше објаснување за извештајот. Како што рече, само четири дена е во „Лајка“ и за тоа време се обидел да се информира за некои ставки од извештајот што се нејасни.

На седницата не беше разгледан деветмесечниот извештај на ЈСП „Скопје“ затоа што тој не бил доставен до Советот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот