Советот на Град Скопје го разгледува полугодишниот извештај за буџетот за 2020 година

Советот на Град Скопје на денешната седница расправа за извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2020 година, за периодот од 01.01.2020 до 30.06.2020 година.

Во своето обраќање градоначалникот на Скопје Петре Шилегов преку конференциска врска до членовите на Советот на Град Скопје, потенцирал дека и во услови на криза и вонредна состојба, Буџетот на Град Скопје успешно ја следи определената динамика за реализација на предвидените проекти и остварување на поставените цели.

– Во нашето досегашно работење, посебно внимание вложивме во однос на начинот на менаџирање со буџетските средства со кои располага Градот, и сметам дека доброто управување со расположливите ресурси во голем дел зависи од транспарентноста при трошење на буџетските средства и отчетноста кои ги остваруваме со редовни анализи и финансиски извештаи, рекол Шилегов, соопштија денеска од Град Скопје.

Во изминатиот период, потенцирал тој, биле максимално концентрирани како да излезат во пресрет на економијата на локално ниво, преземајќи низа мерки за олеснување на давачките, а притоа да не се доведе во прашање ликвидноста и целокупната финансиска кондиција на градот.

Како што истакнал Шилегов, во исто време ниту еден капитален проект не бил доведен во прашање и се што било планирано согласно определената динамика продолжило да се реализира со претходно поставеното темпо.

Во првото полугодие од 2020 година, вкупните приходи и други приливи, стои во соопштението од Град Скопје, се остварени во износ од 2,1 милијарди денари, што претставува остварување од 27,1 проценти во однос на планираното.

– Приходите остварени во првото полугодие од 2020 бележат намалување од 8,4 проценти во споредба со истиот период од 2019 година, при што, намалувањето е во основниот буџет (19,1 проценти) и во буџетот на самофинасирачки активности (39 проценти), додека буџетот на дотации и донации бележат зголемено остварување во споредба со 2019 година, се појаснува во соопштението.

Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за 2020 година, во првото полугодие се извршени во износ од 2,5 милијарди денари, што претставува извршување од 31,8 проценти од планираното за 2020 година.

– Споредено со извршувањето на расходите во истиот период од 2019 година, извршените расходи за првото полугодие од 2020 година бележат зголемување од 15,9 проценти. Зголемувањето е забележано кај сите буџети од кои е составен буџетот на Град Скопје, освен буџетот на самофинансирачки активности, стои во соопштението од Град Скопје.

Видео на денот