Советот на Битола не го прифати предлогот за поскапување на сместувањето во Домот за стари лица „Сју Рајдер”

Марина Крстиќ директорка на Домот за стари лица Сју Рајдер Битола Фото: Слободен печат/ Васка М.Младеновска

Зголемување на цените за сместувањето и услугите во Домот за стари лица „Сју Рајдер” Битола за 65 проценти како што во неколку наврати бараше управата, не доби поддршка од мнозинството советници на вчерашната седница на Советот на Општина Битола.

Мнозинството советници на СДСМ „Поинаку” и Левица гласаа воздржано за ваквиот предлог, а раководството на домот предупреди дека доколку советниците не дадат зелено светло за корекција на цените, Старскиот дом во Битола ќе се соочи со проблеми во нормалното функционирање.

-Цените не се корегирани повеќе од една деценија, ако се зголемувале етапно, тоа немало да биде толкаво. Вработените работеле прекувремени саати, сменски, а никој тоа не го исплаќал, за сега домот да плаќа енормно големи суми. Судски трошоци во моментот имаме 2,2 милиони денари. Во 2019 година плаќавме 1,5 милиони денари за струја, а сега над 3 милиони, за млеко и млечни производи 700 илјади денари, а сега 1,5 милиони денари. Приходите се 1, 4 милиони денари, а расходите 2,2 милиони денари. Ќе бидеме во состојба да го скратиме 24-часовното затоплување, дел од намирниците, оваа година ги намаливме работниците кои ја одржуваа хигиената, лекарите-специјалисти. Ако не се изгласа цената ќе бидеме приморани да не примаме нови корисници, да им кажеме на семејствата дека ќе се направи рестрикција на некои услуги- предупреди на седницата директорката на Домот за стари лица „Сју Рајдер” Марина Крстиќ.

Цената за згрижување и сместување на непокретно лице моментно во домот изнесува 11.737 денари, а за лице кое што може само да си ги извршува основните потреби, само да се храни и да си ја одржува личната хигиена, цената за сместување во Домот изнесува 9.711 денари.

-Тргнувајќи од фактот дека најниската пензија моментно изнесува над 13.000 денари и дека повеќето сместени лица земаат дополнителен износ од туѓа нега, доаѓаме до заклучокот дека сите лица сместени во Старскиот дом можат да си ги подмират своите месечни трошоци за сместување по новите предложени цени кои би изнесувале 16.000 денари за непокретни корисници и 14.000 денари за корисниците коишто се покретни и можат сами да ги извршуваат своите секојдневни потреби-рече од говорницата советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Марица Тодоровска која долги години беше на директорската позиција во Домот и потврди дека мал број корисници на Старскиот дом земаат минимална пензија.

Според претседателката на Советот Габриела Илиевска, покачувањето на цените што го бара раководството за неа е неприфатливо и побара Општината Битола да помогне со субвенционирање.

– Сакам да ја потсетам јавноста дека пред неколку месеци секој ден пензионерите во Битола имаа протести за пензиите и секој ден бараа дополнителни средства за да можат да живеат достоинствено. Ние денес зборуваме за покачување од 5.600 денари. Пред неколку седници советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата не гласаше за покачување на сметките за јавните претпријатија, заради тоа што беа свесни дека ќе се удри по џебот на граѓаните. Општина Битола може да обезбеди субвенционирање, бидејќи сведоци сме дека се даваат пари за се и сешто и се фалат дека има пари во општинскиот буџет, па како што се субвенционирале други јавни претпријатија, можеме да го субвенционираме и Старскиот дом „Сју Рајдер”, но притоа, да не се поигрува со емоциите со луѓето кои се најранливата категорија. Јас лично немам намера да кренам рака за покачување од 5.600 денари. Тоа се големи пари. Дополнително, Старскиот дом десет години има проблем со недостиг од персонал. Дали проблемот е во тоа што работата е тешка и никој не сака тоа да го работи, дали проблем се согласностите итн. факт е дека повеќе од една деценија домот има проблем со недостиг од персонал – рече претседателката на Советот, Габриела Илиевска.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Бојан Бојкоски побара од советниците да не дозволат Старскиот дом да стане загубар и да се доведе во прашање неговото нормално функционирање.

-До септември долговите ќе растат и не ќе можеме да излеземе од таа незавидна ситуација и во тој случај или ќе треба Општината Битола да овозможи субвенционирање или укинување на дел од услугите што ги нуди Старскиот дом „Сју Рајдер”. Ова е установа која со години без разлика од која политичка партија била раководена, работела домаќински. Да не дозволиме како Совет да направиме од домот загубар и потоа да ги бараме виновниците. Со купување на време од два-три месеци, ништо нема да постигнеме, бидејќи долговите само ќе растат. Неопходно е разумно решение, за да не го доведеме во прашање нормалното функционирање на Домот за стари лица „Сју Рајдер”- предупреди Бојкоски на вчерашната седница на Советот на Општина Битола.

Инаку, според зборовите на управата, цената за услугите што ги дава Домот за згрижување на стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер” не била зголемена од 2013 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот