Советот на амбасадори е против предвремени избори: Партиите да ги зајакнуваат институциите

Совет на амбасадори / фото: 360 степени

Советот на амбасадори ја поздравува поддршката на европската перспектива на земјите на Западен Балкан како споделен стратешки избор изразена во завршната декларација на Самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан на 6 октомври, соопшти Советот.

„Советот го изразува своето жалење што и за времето на овој европски самит, и покрај многу пати потврдените заложби за проширување на Унијата, лидерите на земјите членки не смогнаа сили да одредуваат и конкретен датум за оддржување на првата меѓувладина конференција ЕУ-Република Северна Македонија и Албанија и покрај многу пати повторената констатација дека двете земји ги исполнуваат критериумите за почеток на преговорите.

Советот посебно го поздравува претставениот економски-инвестицијски план ( EIP) на ЕУ и насоките за спроведување на Зелената агенда на Западен Балкан кој предвидува инвестициски пакет од 30 милијарди евра за регионот за наредните седум години кој знатно ќе придонесе за економски развој за целиот регион“, се вели во соопштението.

Советот на амбасадори вели дека високо ги цени напорите на Антони Блинкен, државен секретар на САД и Јосеф Борел, Висок претставник за надворешната политика на ЕУ, за изнаоѓање брзо решение во спорот со Бугарија, во полза на потикнување на интегративниот пат на Република Северна Македонија и Република Албанија кон Европската Унија.

„Советот на амбасадори ги повикува бугарските лидери да бидат пофлексибилни и по пријателски настроени кон земјите на Западен Балкан во процесот на проширувањето на Унијата, наместо да непотребно го блокираат процесот“, се вели во соопштението.

Совет на амбасадори го поздравува успешниот завршеток на локалните избори во земјава како испит на голема зрелост на демократија и ги повикува политичките партии од власта и опозицијата преку нивната работа во органите на владата и Собранието сестрано да се ангажираат во реализирање на предвидените реформи во сите области на живеењето со цел побрза интеграција на земјата во Унијата.

Советот смета дека политичките партии „наместо нивниот фокус да го ставаат во организирањето на чести предвремени избори (со што ја слабнат економијата) нивниот фокус да биде во зголемување на ефикасноста на работата на Собранието и зајакнување на институциите на државата“.

Видео на денот