Советникот од Македонски Брод кој насилно шутираше куче заработи две пријави

Пред само неколку дена брутално видео од момче кое шутираше мирно куче на игралиште во Куманово ја разбранува јавноста, а дека малтретирањето на животни е вистински проблем во нашето општество докажа уште една скандалозна снимка, на која се гледа како возрасен човек насилно шутира куче кое седи пред локал.

Граѓани на Македонски Брод веднаш го идентификуваа сторителот и молскавично се рашири веста дека токму советник на тамошната општина, Бране Јовановски е насилникот од видеото. 

За „Слободен печат“ од МВР тукушто потврдија дека до нив пристигнале две електронски пријави од граѓани против Јовановски. Оттаму информираат дека полицијата веќе постапува, како и дека советникот ќе биде повикан во полициска станица да даде исказ.

Нашата редакција проба да стапи во контакт со советникот, но неговиот службен телефон беше исклучен, додека од општината ни рекоа дека градоначалникот е на службен пат. На прашањето дали во општината слушнале за инцидентот, ни рекоа дека во моментот не можат да ни потврдат дали „чаршискиот муабет“ е вистина.

До некои од објавувачите на видеото пристигнале пораки да го тргнат од социјалните мрежи. Тие во изјава за „Слободен печат“ рекоа дека пораките немале заканувачки тон, како и дека најверојатно биле испратени од роднина на советникот бидејќи го делеле истото презиме.

Според Кривичниот законик, на советникот Бране Јовановски му се заканува парична или затворска казна:

Мачење животни, Член 233: „Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни
маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува
на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“

Во меѓувреме, од МВР за „Слободен печат“ информираат дека против момчето кое малтретираше куче во Куманово е поднесена кривична пријава:

СВР Куманово, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријва против 17-годишен малолетник од с.Стрезовце, општина Старо Нагоричане поради постоење основи на сомение дека сторил кривично дело „мачење животни“ по член 233 став 1 од Кривичниот законик. Пријавениот, на 29.02.2020 околу 21.00 часот на игралиште кај основно училиште Христијан Тодоровски Карпош“ во с.Младо Нагоричане удрил куче.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот