Советникот на Радев: Ако државник од соседната земја доаѓа да пие кафе во Бугарија, треба ли да го истакнеме неговото знаме?
Посетата на претседателката на Република Северна Македонија на Бугарија беше по повод културен настан – не беше ниту државен, ниту работен. Поради оваа причина, македонското знаме не беше ставено пред грбот на претседателството, бидејќи за вакви посети не е потребно строго почитување на државниот протокол, објаснува Димитар Стојанов, поранешен министер и актуелен советник на бугарскиот претседател Радев.
По петочната посета на претседателката Гордана Сиљановска Давкова на Софија и средбата со бугарскиот претседател Румен Радев, македонската јавност ја разбранува заедничката фотографија во затворениот простор на претседателскиот кабинет на Радев, направена по средбата на двајцата претседатели на која покрај претседателката не е истакнато македонското државно знаме, туку само бугарското.
Од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова соопштија дека ќе побараат официјално објаснување од соседната земја дали истакнувањето на бугарското знаме покрај неа е протоколарен превид или пак намерна постапка и отстапка од договореното.
– Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен – нагласија од кабинетот на претседателката.
Советникот на Радев, Димитар Стојанов, за БНТ посочи дека средбата меѓу Румен Радев и Гордана Сиљановска – Давкова била исклучително конструктивна и со добар тон. Договорени се идните државни посети на РСМ и Бугарија – ова Стојанов го дефинира како чекор напред во дијалогот меѓу двете земји.
На прашањето дали посетата на претседателката на Република Северна Македонија е провокација, Димитар Стојанов одговори:
– Не би сакал да зборувам за провокација во овој случај, додека бараме чекор напред во развојот на нашите односи. Не е коректно да се мешаме со знамиња во оваа ситуација. Ако државник од соседната земја доаѓа да пие кафе во Бугарија, дали да ѝ ставиме знамиња во естаблишментот. Непотребно влошување на ситуацијата – коментира тој.
За докрај да се испита случајот со неистакнувањето на македонското знаме покрај претседателката Сиљановска Давкова Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) денеска ќе го повика бугарскиот амбасадор во државава Желјаско Радуков кој токму минатата недела со предавање на акредитивните писма во вилата Водно стапи на должност.
Вчера македонски дипломати за медиумите коментираа дека посетата на Сиљановска на Софија не била официјална и не била на покана од бугарската страна, поради што средбата во Претседателството во Софија била неформална и поради тоа немало потреба од истакнување на знамето на земјата при посета како што налага протоколот при официјални државнички средби.