Советник на Трамп: Имаме новости за Зеленски – Крим го нема
И ако претседателот Зеленски дојде на маса и рече: „Можеме да имаме мир само ако го имаме Крим“, ни покажува дека не е сериозен. Крим го нема“, рече Ланза.
Висок советник на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп најавил дека новата администрација ќе се фокусира на постигнување мир во Украина, наместо да им дозволи на Украинците да ја вратат територијата окупирана од Русија, пренесува хрватски Индекс.
Брајан Ланза, стратег на Републиканската партија, изјави за Би-Би-Си дека администрацијата на Трамп ќе побара од украинскиот претседател Володимир Зеленски неговата верзија за „реална визија за мир“. „И ако претседателот Зеленски дојде на маса и рече: „Можеме да имаме мир само ако го имаме Крим“, ни покажува дека не е сериозен. Крим го нема“, рече Ланза.
Русија го анектираше полуостровот Крим во 2014 година. Осум години подоцна, таа започна инвазија на Украина и окупираше територија на истокот на земјата. Новоизбраниот претседател на САД постојано вели дека негов приоритет е да се стави крај на војната и да се запре она што тој го карактеризира како трошење на американските ресурси, во форма на воена помош за Украина.
Наш приоритет е мирот и запирање на убиствата
Сепак, тој допрва треба да открие како има намера да го направи тоа и најверојатно ќе слушне различни визии за иднината на Украина од различни советници. Ланза, политички советник на Трамп од неговата кампања во 2016 година, не ги спомна областите на источна Украина, но рече дека враќањето на Крим е нереално и „не е цел на САД“.
-Кога Зеленски вели дека ќе има мир само кога ќе се врати Крим, имаме вести за претседателот Зеленски: Крим го нема. И ако ви е приоритет да го вратите Крим и американските војници да се борат за враќање на Крим, вие сте оставени на своја волја – нагласи Ланза.
Соединетите Држави сè уште не распоредиле американски војници да се борат во Украина. Киев не побара американските сили да се борат во негово име, туку исклучиво американска воена помош за вооружување на сопствените војници.
Ланза истакна дека има огромна почит кон украинскиот народ, опишувајќи ги како луѓе со лавовско срце. Но, тој додаде дека приоритет на САД е „мирот и запирање на убиствата“.
-Она што ќе и кажеме на Украина е: „Што гледате како реална визија за мир? Тоа не е визија за победа, туку визија за мир и да почнеме со искрен разговор – рече тој.
Трамп разговараше со Зеленски
Се очекува Трамп да вклучи круг на блиски соработници во мировните преговори. По победата на изборите, Трамп разговарал со Зеленски, а во разговорот учествувал и милијардерот Илон Маск. Извор од кабинетот на украинскиот претседател изјави за Би-Би-Си дека разговорот меѓу Зеленски и Трамп траел „околу половина час“.
-Тоа навистина не беше разговор за многу значајни работи, но генерално беше многу топол и пријатен -рече изворот.
Демократските противници на Трамп го обвинуваат дека се додворува на рускиот претседател Владимир Путин и велат дека неговиот пристап кон војната е еднаков на предавство на Украина што ќе ја загрози цела Европа.
Минатиот месец Зеленски претстави „план за победа“ на украинскиот парламент, кој вклучуваше одбивање да и се отстапи територија и суверенитет на Украина. За време на неговата кампања, Трамп постојано велеше дека може да ја заврши војната меѓу Русија и Украина „за еден ден“, но никогаш не даде дополнителни детали.
Во документот напишан од двајца негови поранешни началници за национална безбедност во мај се вели дека САД треба да продолжат да снабдуваат оружје, но да ја условат поддршката за Киев да влезе во мировни преговори со Русија.
САД се најголемиот снабдувач на оружје за Украина
Претходно оваа недела, Путин му честиташе на Трамп за неговата изборна победа и рече дека тврдењето на Трамп дека може да помогне да се стави крај на војната во Украина „барем заслужува внимание“. Ланза се осврна на поддршката што администрацијата на Бајден и европските земји и ја дадоа на Украина од почетокот на руската инвазија.
-Реалноста на теренот е дека европските земји и претседателот Бајден не ѝ дадоа на Украина способност и оружје да победи во оваа војна на самиот почеток и не успеаја да ги отстранат ограничувањата за победата на Украина – е убеден тој.
Претходно оваа година, Претставничкиот дом на САД одобри пакет воена помош од 61 милијарда долари за Украина за борба против руската инвазија.
САД беа најголемиот снабдувач на оружје за Украина – меѓу февруари 2022 година и крајот на јуни 2024 година, тие испорачаа оружје и опрема во вредност од 55,5 милијарди долари.