Советник на Стејт департментот на турнеја низ Западен Балкан

Советникот на американскиот Стејт департмент Дерек Чолет следната недела ќе го посети Западен Балкан, а главни теми на неговите разговори ќе бидат енергетската безбедност, напредокот на патот кон ЕУ и дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Како што најави Стејт департментот, Чолет од 12 до 17 декември ќе ги посети Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Хрватска, како и Брисел, со цел да ја нагласи постојаната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на регионот.

Американскиот функционер посетата на регионот ја започнува во Приштина, на 12 и 13 декември, потоа на 13 декември ќе биде во Белград каде со српските претставници ќе разговара за енергетската безбедност, регионалната економска интеграција и напредокот на Србија кон членството во ЕУ. Ќе се разговара и за улогата на Србија во зајакнувањето на регионалниот мир и безбедност и нејзиниот континуиран ангажман во дијалогот со посредство на ЕУ за да се постигне сеопфатна нормализација на односите со Косово.

На 14 декември Чолет ќе отпатува за Сараево, а истиот ден ќе биде и во Скопје каде со владини претставници ќе разговара за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.

Следниот ден, 15 декември, Чолет ќе ја посети Подгорица, а истопт ден и Загреб каде со владините претставници ќе разговара за соработката во областа на одбраната, европската енергетска безбедност, како и за економскиот просперитет и безбедност во регионот. Ќе се финализираат и договорите меѓу Хрватска и САД за взаемна правна помош и екстрадиција.

Чолет својата европска турнеја ќе ја заврши во Брисел, каде на 16 и 17 декември ќе разговара за соработката со партнерите од ЕУ и НАТО за голем број глобални прашања, вклучително и континуирана поддршка за Украина, процесот на пристапување во ЕУ и европската интеграција на земјите на Западен Балкан, енергетска безбедност и дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ, соопшти Стејт департментот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот