Советниците треба да поддржат изградба на улица во Чаир вредна 2,3 милиони евра, од „Зелен хуман град“ велат: Најпрво јавно нека се објави проектот!

Пред советниците на градскиот Совет утре повторно ќе се најде предлог-одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Чаир за изработка на проектна документација и изградба на улицата Цветан Димов, која не беше изгласана на претходната седница. Станува збор за делницата од раскрсница со булевар Никола Карев до раскрсницата со улицата Џон Кенеди и улицата Христијан Тодоровски Карпош.

Како што се наведува во предлог-одлуката, Градот Скопје во остварувањето на оваа соработка ќе учествува со средства во висина од 140.000.000 денари, односно околу 2,3 милиони евра, со вклучен ДДВ. Парите ќе се обезбедуваат од градскиот Буџет оваа и во наредните две години и тоа 10.000.000 денари за 2023 година, 70.000.000 денари за 2024 година и 60.000.000 денари за 2025 година, од потпрограма ЈДА 482130, како и со решавање на имотноправните спорови. Учеството на Општина Чаир во предложената соработка е со изработка на ревидиран Урбанистички проект.

Пред утрешната седница се огласија од „Зелен хуман град“ чии двајца советници се дел од актуелниот состав на Советот на Град Скопје, со став дека втора седница по ред се очекува советниците да изгласаат, како што велат; фантастични 140 милиони денари за изградба на улицата Цветан Димов во Општина Чаир, за која нема јавно достапен проект, туку Општина Чаир допрва треба да го прави, односно да го ревидира.

140 милиони денари се 20 отсто од Буџетот на Град Скопје за улици и патишта за 2023 година. Дополнително, ќе се трошат јавни пари за експропријација, а тоа во овој момент немаме информација колку ќе чини – велат од „Зелен хуман град“.

Оттаму нагласуваат дека мора да ѝ дојде крајот на лошата практика да се бара од советниците да гласаат за изградба и реконструкција на улици во Скопје за кои никој не го видел проектот по кој ќе се работи. Тие велат дека ќе го поддржат проектот само доколку останат постојните дрвја на улицата и ако се обезбедени инфраструктура и за пешаците и за велосипедистите.

Ќе го поддржиме спроведувањето на овој предлог само ако прво јавно се објави проектот по кој ќе се работи за да се осигуриме и ние и целата јавност дека повеќедеценискиот дрворед на таа улица ќе остане нечепнат, дека коловозните ленти ќе бидат со максимална ширина од 3 метри, како и дека ќе има соодветна и функционална пешачка и велоинфраструктура, инклузивно испланирана да ги задоволи потребите на лицата со попреченост и на сите ранливи категории граѓани. Доста ни е од Карангелески сценарија во овој град и смртоносни автоцентрични пустини! Зеленилото во Скопје го губиме со брзина на светлината – нагласуваат од Иницијативата.

Од „Зелен хуман град“ потсетуваат дека секоја година прерано умираат повеќе од 4.000 граѓани како последица од загаден воздух, а не постои статистика колкумина прерано умираат од топлотните бранови поради намалување а зеленилото.

Инаку, на утрешната седница на Советот на дневен ред е Информацијата за финансиската состојба на Град Скопје и јавните претпријатија, која советниците од СДСМ ја побараа откако во медиумите се обелодени информацијата дека поради големи долгови Градот е пред банкрот, како и Информација за изгорениот мост „Беласица“ и негова брза санација, на барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Советниците повторно треба да се изјаснат и за предлозите на Градот кои двапати не беа усвоени, а сега пред Советот се јавуваат малку изменети, за давање субвенции на граѓаните и такси-компаниите што ќе купат ново возило на електричен погон, за разлика од претходно кога предлогот се однесуваше за субвенции за купување хибридно возило. Предложената сума за субвенционирање останува иста – по 200.000 денари за возило.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот