Совети од Обама се добредојдени, но Бајден ќе води свој мандат

epa08362768 (FILE) - US President Barack Obama (L) and US Vice President Joe Biden (R) shake hands at the signing of the 21st Century Cures Act in the Eisenhower Executive Office Building in Washington, DC, USA, 13 December 2016 (re-issued on 14 April 2020). Former US president Barack Obama on 14 April 2020 in a video message endorsed Joe Biden for the US presidential elections. EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден уште пред да ја преземе функцијата мораше да одговори на шпекулациите дека ќе биде под огромно влијание на Барак Обама, на кого му беше потпретседател цели осум години.

– Ова не е трет мандат на Обама. Ние сме соочени со сосема поинаков свет отколку што беше во времето на Обама-Бајден администрацијата. Претседателот Доналд Трамп смени сè – изјави Бајден во првото интервју откако официјално почна процесот на транзиција на власта.

Но, причините за шпекулациите дека Бајден ќе се потпира на искуството на својот поранешен шеф се повеќе од очигледни. Веднаш по изборите, Обама одненадеж „се одмрзна“ од четиригодишниот молк и го има насекаде – на телевизиите, во весниците, на интернет, а особено во книжарниците, во кои само во првиот ден по промоцијата беа продадени 890.000 примероци од неговата книга „Ветена земја“. Бестселерот на Барак Обама веќе ги надмина и рекордите што ги постави книгата на неговата сопруга, поранешната прва дама Мишел Обама.

Уште при промоцијата на книгата, Обама повеќе пати беше соочен со прашањето какво ќе биде неговото влијание врз својот поранешен заменик Џо Бајден.

Дејвид Героу, автор на книгата „Ѕвезда во подем: Создавањето на Барак Обама“, смета дека поранешниот претседател со задоволство би му дал совети на идниот претседател, ако Бајден ги побара „како од постар брат“, иако е цели 19 години помлад од него.

Вториот чин на Обама

Обама, на возраст од 59 години, веќе го достигна својот политички врв и изминатите четири години му ги посвети на семејството. Тој најави дека „планира уште да биде активен“, но не и да презема обврски што би го одвоиле од семејството.

– Кога со Мишел ја напуштивме Белата куќа, спиевме до доцна, одевме на вечери, на прошетки, пливавме во океанот, го обновивме пријателството, повторно ја пронајдовме нашата љубов и правевме планови за не толку големи активности, но за кои се надеваме дека ќе ни донесат не помало задоволство – пишува Обама во книгата.

Поранешниот претседател веќе најави дека дел од „вториот чин“ ќе биде објавувањето на вториот дел од мемоарите, како и изградбата на претседателски центар во паркот Џексон во Чикаго, во вредност од половина милијарда долари. Гостувајќи на телевизијата Си-би-ес, Обама објасни дека центарот ќе содржи просторија идентична на Овалната соба од Белата куќа, а ќе бидат изложени и здолништа на поранешната прва дама.

Во низата интервјуа по повод промоцијата на книгата, Обама со низа одговори покажа дека сѐ уште не го напуштила дарбата за политички оцени и анализи, која за многумина ги надминува капацитетите и на Трамп и на Бајден.

– На Бајден не му се потребни моите совети, а јас ќе му помогнам како што можам. Не, не планирам да работам во Белата куќа или на позиција во администрацијата. Мишел ќе ме напушти – објаснува Обама.

Без колегијална поддршка

Многумина истакнуваат и дека поранешниот претседател и потпретседател немале секогаш исти ставови за некои прашања, а и дека Обама не го поддржал безрезервно својот прв колега во неговите претседателски амбиции.

Пред да му заврши мандатот, во 2015 година, тој го обесхрабрувал Бајден да се кандидира за претседател и отворено ја поддржа кандидатурата на Хилари Клинтон. Кога Бајден годинава повторно се кандидираше, не доби поддршка од Обама се до моментот кога остана единствен демократ во трката.

На несогласувањата, пак, потсети и противењето на Бајден на акцијата за ликвидирање на терористичкиот лидер Осама бин Ладен во Пакистан во 2011 година, што Обама го потврдува и во својата книга со мемоари.

– Тие настапуваа единствени, но приватно имаа несогласувања за низа надворешнополитички прашања, како ликвидацијата на Осама бин Ладен – смета авторот Дејвид Героу.

Дејвид Лит, пак, поранешен писател на говорите на Обама, вели дека претседателот и потпретседателот имале „многу цврсти соработнички односи, меѓусебна почит и доверба“. Тој забележува дека многу службеници од поранешната администрација на Обама се вклучиле во предизборниот штаб на Бајден и веројатно по јануари ќе добијат нови функции, што само по себе говори за континуитет на демократската власт.

Политичко помирување

И Лит, како и Бајден, е убеден дека не може да се зборува за „трет мандат на Обама“ поради новата реалност во САД, разнишана и од годините на власт на Трамп и од пандемијата и економската криза.

– Ако ги анализирате говорите на Бајден, неговата кампања и неговиот тим, јасно е дека Бајден води своја политика и ќе го води сопствениот мандат – вели Лит.

Коментатори забележуваат дека Обама тешко би му помогнал на Бајден во политичкото помирување на нацијата, што го најави како еден од приоритетите, бидејќи поранешниот претседател е непопуларен кај републиканците исто колку што е популарен кај симпатизерите на демократите. Ако се говори за партиско помирување на умереното и прогресивното крило, тогаш Обама би можел да придонесе за приближување на ставовите и приоритетите.

На Бајден, сепак, останува да покаже дека има капацитет да ја води најмоќната држава во светот, а притоа да не остане во сенката на поранешниот шеф.

– Џо Бајден е многу самоуверен човек. Тој добро се чувствува во сопствената кожа. Добро знае кој е, а му се восхитува на Обама без тоа да остава последици на него. Проблемите со кои се соочува се толку сериозни што на Бајден на крајот на паметот ќе му биде што прави Обама. Тој има поголеми проблеми – вели Мо Вела, поранешен советник на Бајден во годините кога беше потпретседател.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот