Совети од Клиника „Жан Митрев“: Здрав начин на исхрана во превенција и третман на шеќерна болест

жан митрев
Фото: Промо

Намалувањето на внесот на јаглехидрати може да биде здрава стратегија за губење на тежината и контрола на шеќерната болест, сè додека јаглехидратите се заменуваат со растителни извори на протеини и масти.

Шеќерната болест е состојба на долготрајно покачено ниво на шеќер во крвта како резултат на недоволно излачување инсулин од панкреасот или смалена осетливост на ткивата кон самиот инсулин. Доколку оваа состојба не се дијагностицира навреме и не се третира правилно, може да доведе до сериозни микро и макро васкуларни промени и компликации од страна на таргетирани органи, и тоа кардиоваскуларниот систем, очите, бубрезите, мозокот и нервниот систем.

Шеќерната болест добива епидемиски размери во целиот свет независно од полот, расата, возраста и социјалниот статус. На секој новооткриен пациент со дијабетес има по еден неоткриен. Затоа, посебно е значајно редовно правење скрининг тестови помеѓу индивидуите што спаѓаат во ризични групи за добивање дијабетес тип 2.

Тука спаѓаат индивидуи што имаат блиски роднини во семејството со дијабетес тип 2, жени што во бременоста развиле гестациски дијабетес, индивидуи кај кои е поставена дијагноза за метаболен синдром или инсулинска резистенција, индивидуи со прекумерна телесна тежина и недоволно практикување физичка активност.

Каква исхрана се препорачува за пациенти што боледуваат од дијабетес мелитус тип 2?

Повеќе студии ја покажаа ефикасноста на режимот на исхрана со малку јаглехидрати во насока на подобрување на регулација на телесната тежина и подобра контрола на шеќерот во крвта. Генерално, јаглехидратите во исхраната може да се поделат на едноставни и сложени. Едноставните јаглехидрати, какви што се шеќерот, белото брашно и белиот ориз, покажаа дека го зголемуваат ризикот од дијабетес тип 2. Во таа насока се препорачува зголемен внес во исхраната на зеленчук, мешунки, овошје, млечни производи со малку маснотии и цели зрна за сметка на продуктите што ги содржат едноставните јаглехидрати. Кафеавиот ориз и производите од интегрални житарки треба да ги заменат производите од бела пченица.

Постојат различни типови диети со ограничен внес на јаглехидрати. Некои од нив ги ограничуваат јаглехидратите на многу ниски нивоа без да ги ограничуваат протеините или мастите во исхраната (на пример, диетата во стилот на Аткинс). Други, пак, дозволуваат умерено внесување јаглехидрати заедно со умерено внесување протеини и масти (на пример, Саут Бич и Зона диетите). Диететските насоки во последните пет години промовираат локална здрава исхрана, здрава медитеранска исхрана и здрава вегетаријанска исхрана. За пациентите со дијабетес мелитус тип 2, препораките се за умерен внес на јаглехидрати (44%-46%) од вкупниот калориски внес во текот на денот.

Ефекти од диетите со намален внес на јаглехидрати при дијабетес тип 2

Во повеќе студии биле следени пациенти со дијабетес од тип 2 и ефектите од смалениот јагленохидратен внес во однос на параметри добиени од крвта, и тоа гликолизиран хемоглобин А1Ц , гликемија на гладно и гликемија мерена 2 часа по оброк. Во една од студиите биле вклучени обезни пациенти што боледувале од дијабетес тип 2, со цел да бидат следени ефектите од исхраната со намален јаглехидратен внес. Студијата објавила подобрени 24-часовни профили на шеќерот во крвта. Кај истите пациенти било утврдено намалување на гликолизираниот хемоглобин A1Ц од 7,3% на 6,8%. Сензитивноста кон инсулинот, исто така, се подобрила. Друга студија спроведена во 2019 година кај пациенти со дијабетес тип 2 кај кои бил спроведен режим на исхрана со високопротеински внес, а намалена количина на јаглехидрати, била споредена со изоенергичната конвенционална диета за дијабетес, за да се видат ефектите врз контролата на гликемијата и ефектот во намалување на кардиоваскуларен ризик во текот на шест месеци.

Пациентите примале ист број калории, со тоа што поголема количина од јаглехидратите од конвенционалната диета препорачана кај пациенти со дијабетес тип 2 биле заменети со протеини. Заклучоците што произлегле од студијата се дека, во споредба со конвенционалната диета, диетата со високо протеински внес ги намалува нивоата на гликолизираниот хемоглобин A1Ц и нивото на гликемија на гладно.

Студијата покажa и дека замената на јаглехидратите со протеини без зголемување на калориите за шест недели го намалува нивото на холестерол во крвта кај луѓето со дијабетес тип 2. Земени заедно, овие две студии укажуваат на придобивките од замена на одреден внес на јаглехидрати со протеини.

Препорачано е внесот на јаглехидрати да се замени со протеински извори од растително потекло (грав, мешунки, соја, јаткасти плодови). Посно месо и риба може да бидат здрави извори на протеини и масти за оние што јадат животински производи. Замената на јаглехидратите со протеини од животинско потекло го зголемува ризикот и ја влошува контролата на гликозата кај пациентите со дијабетес тип 2.

Тимот на Клиничката болница „Жан Митрев“ ви стои на располагање. Закажете го вашиот преглед или навремена консултација на 02/3091-484.

*Комерцијален ПР текст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот