Совети од Клиника „Жан Митрев“: Вирусни респираторни инфекции кај децата во зимскиот период

Фото: Промо

Со намалувањето на надворешните температури, се соочуваме со сè поинтензивни вирусни респираторни инфекции кај децата, кои се одговорни за повеќе од 80% од сите респираторни инфекции.

Респираторните вирусни инфекции најчесто ги зафаќаат горните дишни патишта и клинички се манифестираат како: ринит, тонзилит, ларингит, синусит, како и долните респираторни патишта кои одат со клиничка слика на бронхиолит, бронхитис и пневмонија. Во зависност од времетраењето, се делат на акутни и хронични инфекции. Почетокот на вирусната инфекција се бележи со растечено носе, грепкање или болка во грлото, кивање, блага главоболка, покачена телесна температура. Овие симптоми најчесто траат 3 до 5 дена. На нив се надоврзува и кашлица, која на почетокот е сува, а потоа може да биде продуктивна.

Симптомите се развиваат со различен интензитет и зависат од индивидуалната подготвеност на имунолошкиот систем да се бори против инфекцијата. Респираторните инфекции кај поголемите деца најчесто се манифестира со поблаги симптоми отколку кај новороденчињата или доенчињата кој може да предизвика и компликации. Вообичаено вирусните инфекции траат 7 до 14 дена. Доколку симптомите траат подолго и родителот забележи повторно пораст на телесната температура во краток временски интервал, отежнато дишење, интензивирање на кашлицата, осип, повраќање, детето е адинамично и малаксано како и присуство на други симптоми што доведуваат до влошување на општата состојба на децата, во тој случај сите овие параметри треба да му претставуваат аларм на родителот дека нешто се случува со неговото дете.

Овие симптоми одат во прилог на инфекција на долните респираторни патишта поради што се потребни дополнителни иследувања и соодветен третман. Доколку е потребно, треба да се направат лабораториски анализи за да се олесни диференцијацијата меѓу бактериска и вирусна инфекција.

Третман и терапија

Лекувањето кај респираторните вирусни инфекции е симптоматски. Се советуваат родителите да бидат трпеливи и да дозволат прво природните одбранбени механизми да делуваат. Се препорачува да се даде антипиретик од парацетамолски тип само доколку температурата е над 38,5 степени; туширање со млака вода, никако со ладна вода, бидејќи може да доведе до нагло ладење на телото и до температурен шок; разладување на телото со примена на масажа со медицински алкохол; тоалета на носе со солен раствор ќе му помогне на детето полесно да диши преку нос; зголемен внес на течности како чаеви, сокови, супи како и раствори за орална рехидратација. Децата најчесто имаат намален апетит, тоа е во ред, но пред сè треба да се погрижиме да пијат што повеќе течности; балансирана исхрана со витамини и минерали; мирување, одморот ќе помогне во закрепнувањето. Вирусните инфекции никогаш не се третираат со антибиотици. Антибиотикот делува во случај само ако има бактериска инфекција, не делува на вирус. Превентивно давање антибиотици не се препорачува. Прекумерната употреба на антибиотиците доведува до развој на резистенција на бактериите, поради што се доведуваме до ситуација таму каде што треба да дадеме антибиотик, да не делува на бактериската инфекција. Нерационална употреба на антибиотици доведува до уништување на оние добри бактерии што ги имаме во нас, во носот, грлото, цревата, и во тие случаи многу е полесно патогена бактерија да предизвика болест. Исто така, антибиотиците дополнително го ослабуваат имунолошкиот систем и не му помагаат на детето да се избори со инфекцијата. Поради сето ова, антибиотик се дава само доколку има потреба од него.

Зајакнување на имунитетот

Родителите често се прашуваат што да направат за да го зајакнат имунитетот кај своето дете. Најефикасни се природните начини на зајакнување на имунитетот. Тоа подразбира: здрава балансирана исхрана богата со протеини, витамини и минерали; внесување многу свежо овошје и зеленчук; доење кај новороденчињата и доенчињата; подолг престој на чист воздух на планина; редовна физичка активност како и секојдневни прошетки што ќе влијаат позитивно врз здравјето на детето; сон со добар квалитет; спроведување основни хигиенски мерки (редовно миење на рацете, често проветрување на просториите). Во есенско-зимскиот период поради недоволно создавање витамин Д преку нашата кожа под дејство на сонцето, во ладните периоди од годината од октомври до април се препорачува земање витамин Д и внесување витамин Ц како есенцијален антиоксиданс и ензимски кофактор кој поволно влијае врз многубројни физиолошки реакции во организмот, како и земање пробиотик.

Комбинацијата на сите овие наведени мерки се основен темел што ќе придонесе до зајакнување на имунитетот кај децата, а со самото тоа и до подобро и полесно справување со респираторните вирусни инфекции во овие ладни денови.

Закажете преглед или информирајте се на 02 3091 484, стручниот тим лекари од Клиничката болница „Жан Митрев“ ви стојат на располагање.

д-р Станислава Анѓелеска
Специјалист по педијатрија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот